246/1993-0-0

246/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одр`ана на 29 јуни 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 69 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Бранко Стаменков од Скопје, му поднесе иницијиатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 69 од актот означен во точката 1 на ова решение, затоа што според оваа одредба упис во Именикот на адвокатите се вршел само во определени термини во текот на календарската година, односно во месеците јануари, март, јуни, септември и декември, со што било ограничено правото на вработување, слободниот избор на вработување и достапноста на работното место.

3. На седницата Судот утврди дека според оспорениот член од Статутот упис во Именикот на адвокатите се врши во јануари, март, јуни, септември и декември.

4. Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на приврема невработеност, а според ставот 2 од овој член секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Од наведената уставна одредба произлегува дека Уставот ги гарантира правото на работа и слободниот избор на работа како услов за остварување на другите слободи и права, утврдени со Уставот, правото на вработување во согласност со неговите стручни и физички способености. Уставот, исто така, гарантира дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 53 од Уставот адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Според член 3 од Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92), самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува, покрај другото, и со организирање на адвокатите во адвокатска комора, автономно донесување на општи акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и со запишување и бришење од Именикот на адвокатите.

Според член 29 од Законот, со Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија се уредува и постапката за упис во Именикот на адвокатите.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека независниот и самостоен карактер на адвокатурата се уставна и законска основа за организирање на адвокатите во адвокатска комора и за автономно донесување на општите акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија.

Со оглед на тоа, Судот наоѓа дека е право на Адвокатската комора самостојно да ја уреди и постапката за запишување во Именикот на адвокатите и во таа смисла да ги определи и термините за запишување во Именикот на адвокатите.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба е уредена постапката за запишување во Именикот на адвокатите со тоа не се ограничува правото на работа и на слободен избор на работа, а со определените термини јануар, март, јуни, септември и декември не се ограничува достапноста на вршењето на адвокатската функција, туку се пропишува определен ред што е неопходен и за запишување во Именикот на адвокатите. Затоа, судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 32 став 1 и 2 и член 53 од Уставот и со членовите 3 и 29 од Законот за адвокатурата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply