60/1993-1-0

60/1993-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 април 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 15-а став 4 од Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/87, 42/88 и 15/93).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.60/93 од 9 септември 1993 година поведе постапка за оценување уставноста на членот 15-а став 4 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со членот 38 од Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека според членот 15-а став 1 од Законот, работоводниот орган во организацијата за производство, пренесување и дистрибуција на електрична енергија во случај на штрајк е должен да обезбеди производство на електрична енергија според потребата на електроенерегетскиот систем на Република Македонија, потребно производство од јаглен и потребен број работници за остварување на соодветните работи. Според ставот 2 на овој член, врз основа на преземените мерки од став 1 на овој член, работниците се должни да постапуваат по соодветните работни налози. Согласно ставот 3 од овој член, доколку работниците не постаапат согласно став 2 од овој член, работоводниот орган е должен да го обезбеди остарувањето на работниот процес со заменување на соодветни работници. Според оспорениот став 4 од овој член, работниците од став 2 на овој член кои не ги извршуваат работните обврски вршат потешка повреда на работната дисциплина која претставува основ за престанок на работниот однос под услови и околности утврдени во правилникоте за дисциплинска одговорност.

5. Со член 38 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Судот смета дека со закон може да се уреди начинот на остварувањето на ова со Устав гарантирано право, но притоа не можат да се предвидуваат услови со кои ќе се ограничи остварувањето на ова право надвор од уставното ограничување од ставот 2 на членот 38 од Уставот на Република Македонија.

Според мислењето на Судот, со пропишувањето на санкции за работниците кои учествувале во штрајк, а во услови кога со закон не е дефинирано што претставува потреба на електроенергетскиот систем на Републиката во услови на штрајк, всушност се ограничува со Устав гарантирано право на штрајк на работниците во оваа област.

6. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорената одредба не е во согласност со член 38 од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.

Leave a Reply