62/1994-0-0

62/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 април 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 140 од Законот за облигационите односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.29/78, 39/85, 57/89), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Дочка Меновиќ-Пачаковска од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорениот член од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со него се создавала нееднаквост на субјектите на пазарот, поради тоа што посебно се штителе општествените правни лица односно општествената сопственост, што не било во согласност со член 55 став 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека членот 140 спаѓа во главата што го регулира прашањето за поништување на договорите во случаите на прекумерното оштетување кога постои очигледен несразмер на заемните давања на договорните страни. Со него се определуваат посебните случаи кога може односно не може да се бара поништување на ваквите договори, при што во ставот 1 е предвидено ако се оттуѓува основно средство во општествена сопственост, а стекнувачот е физичко или граѓанско правно лице да може да се бара поништување на договорот доколку она што е примено е во очигледен несразмер со вредноста во време на склучувањето на договорот. Во ставот 2 е предвидено ако физичко или граѓанско правно лице отуѓува предмет кој може да биде основно средство, а стекнувачот е општествено правно лице, може да се бара поништување на договорот доколку она што е дадено е во очигледен несразмер со вредноста во време на склучувањето на договорот, а според ставот 3 незнаењето на вистинската вредност на предметот во моментот на склучувањето на договорот не е услов за негово поништување. Според ставот 4 поништување на договорот може да бара општествено правно лице кое било договорна страна, како и надлежниот орган, а во ставот 5 е предвидено дека, доколку со овој член не е пропишано поинаку, сообразно да се применуваат правилата од член 139 од Законот. Во ставот 6 е утврдено дека основно средство во смисла на овој член не се подразбира недвижност која е основно средство на општествено правно лице.

4. Со член 30 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, при што никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Со член 55 од Уставот, покрај слободата на пазарот е претприемништвото, се гарантира и еднаква правна положба на субјектите на пазарот, што ја обезбедува Републиката.

На Уставот на Република Македонија не му е иманентна општествената сопственост, поради што со член 7 од Уставниот закон за спроведување на Уставот е предвидено таа да се трансформира во некој од видовите сопственост со идентификуван сопственик, при што Собранието како законодавен орган е овластено да ги утврди условите и начинот за нејзина трансформација.

Според мислењето на Судот, општествената сопственост, како во поранешниот уставен поредок, во кој претставуваше основа на општествено-економското уредува, уживаше посебна заштита, така и според сегашниот правен поредок, во услови на нејзина трансформација, ужива посебна заштита заради сочувување на нејзината вредност до трансформацијата.

Според тоа, Судот оцени дека иако Законот за облигационите односи е донесен во претходниот уставен поредок, оспорените одредби што се однесуваат на заштитата на општествената сопственост не се во несогласност со Уставот на Република Македонија, бидејќи, во услови на нејзина трансформација, право е на законодавецот, покрај другото, да ги предвиди и облиците на нејзината заштита се до трансформирањето во некој од видовите на сопственост.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од законот со член 55 став 2 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.

Leave a Reply