231/1993-0-0

231/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 април 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 113 од Законот за редовните судови (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/79).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Џулија Богатинова Костовска од Скопје, со Решение У.бр.231/93 од 23 февруари 1994 година, поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 99 став 3 и член 105 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 113 од Законот за редовните судови, предлог за отпочнување на постапка за разрешување на судија поднесува општата седница на Врховниот суд на Македонија односно седницата на судиите на Стопанскиот суд на Македонија. Одлуката за отпочнување на постапка за разрешување на судија ја донесува Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија.

Со членот 99 став 3 од Уставот на Република Македонија, меѓу другото, е определено дека судијата се разрешува заради потешка дисциплинска повреда пропишана со закон што го прави недостоен за вршење на судската функција, што ја утврдува Републичкиот судски совет, како и заради нестручно и несовесно вршење на судската функција, што во постапка утврдена со закон го утврдува Републичкиот судски совет.

Според член 105 став 1 алинеја 1 од Уставот, избор и разрешување на судии се врши по предлог на Републичкиот судски совет.

Со оглед на тоа што со оспорениот член 113 од Законот, како учесници во постапката за разрешување на судиите се определени Врховниот суд, Стопанскиот суд и Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, Судот оцени дека тој не е во согласност со означените уставни одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.

Leave a Reply