170/1993-0-0

170/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 април 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/93).

2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување меѓусебната согласност на законот означен во точката 1 од ова решение со други закони.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Советот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дочка Меновиќ од Скопје и Претпријатието за економски, правни, организациони услуги и промет на производи “Економско-правно биро” Д.О.О. од Скопје, му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Во првиот дел на иницијативата на Сојузот на синдикатите на Македонија Законот се оспорува во целост, затоа што со него не се вршела трансформација на целокупната општествена сопственост како што предвидувал Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија и што, како титулари на сопственоста се јавувале нови општествено-правни лица, додека постојните тоа право го губеле. Понатаму, се сметаљ дека Законот не бил во согласност со Уставот, затоа што предвидувал средствата што се остарени со трансформацијата да и припаѓаат на Републиката, не земајќи го притоа предвид фактот дека тие се резултат на опредметената вредност на трудот и како такви им пирпаѓаат на носителите на трудот. Законот се оспорува и од причина што не бил усогласен со Законот за претпријатијата, според кој се уште егзистираат претпријатијата во мешовита сопственост, со што се создавале проблеми при неговото спроведување, и што немал обврзувачки карактер, затоа што за неговото неприменување не биле пропишани санкции.

Во вториот дел од иницијативата Законот се оспорува од аспект на: можностите Агенцијата да стекнува сопственички права; можноста за пренесување на правото на управување врз лица кои стекнале право на сопственост преку откупени само 20% односно 10% од проценетата вредност на претпријатието; можностите на странските лица да вложуваат во претпријатијата само додека им носат екстра профит; занемарувањето на институтот приоритетно право на купување во полза на институтот задолжително право на купување; издавањето акции заради дополнително вложување што му давало можност на претпријатието од акционерско друштово да се трансформира во претпријатие во мешовита сопственост; ограничувањето на слободата на пазарот, затоа што издавањето на претпријатието под закуп се условувало со согласност од Комисијата на Владата; паралелната надлежност на Агенцијата и Комисијата на Владата; како и овластувањето на Агенцијата со правилник да ги уредува начинот и постапката за продажба на акциите со кои располага.

Со иницијативата на Дочка Меновиќ од Скопје се оспорува меѓусебната согласност на одредбата од член 80 став 1 и став 2 од оспорениот закон со Законот за присилно порамнување и стечај.

Со иницијативата на “Економско-правното биро” Законот се оспорува, затоа што конвалидацијата на интерните акции ја условувал со плаќање на законски пропишаните обврски од страна на сопствениците на тие акции, со што се доведувала во прашање нивната правна сигурност, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека со оспорениот закон се уредуваат условите, начинот и постапката за трансформирање на претпријатијата со општествен капитал во акционерско друштво или друштво со ограничена одговорност. Од трансформацијата се исклучуваат претпријатијата кои вршат работи и дејности од посебен општествен интерес, кои стопанисуваат со природните богатства односно со јавните добра, претпријатијата кои имаат монополска положба и организациите кои се бават со приредување игри на среќа. Притоа, Законот ја востановува Агенцијата со својство на правно лице и јавни овластувања утврдени со Законот. Законот ја овластува Агенцијата да донесе методологија според која ќе се утврдува вредноста на општествениот капитал во претпријатијата и Правилник за начинот и постапката за продажба на акциите.

5. На подготвителната седница што Судот ја одржа по повод оценувањето уставноста на овој закон, подносителите во своите излагања останаа на наводите во иницијативите.

Претставниците на Собранието и на Владата на Република Македонија истакнаа дека Собранието не само што има уставен основ, туку е задолжено да го донесе Законот, а изборот на методите и начинот на трансформирањето е прашање на законодавната политика, што е уставно право на Собранието како законодавна власт.

Научните работници изразија мислење дека општествената сопственост и според Уставот од 1974 година, а посебно со Амандмание од 199о година, не беше третирана како имотно-правна односно сопственосна категорија, туку како општествено-економска категорија, а средствата во општествена сопственост беа само материјалната основа на трудот. Носителите на правото на општествена сопственост не можеа да имаат статус на сопственици поради низата специфичности во правниот режим на располагањето и управувањето со средствата во општествена сопственост, како и определувањето на условите за нивната распределба.

Тие беа единствени во мислењето дека општествената сопственост претставува затечена категорија од Уставот од 1974 година и дека таа не му е иманентна на Уставот на Република Македонија. Со овластувањаето, пак, содржано во Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, со закон да се уреди трансформацијата на општествената сопственост, на законодавецот му е дадена слобода во определувањето на условите, начинот, постапката и формата на нејзиното гаснење и трансформирање во една од сопственосните категории.

Во тој контекст беше изразено мислење дека сопственичките односи треба да се гледаат на две нивоа: сопственост над имот и сопственост над претпријатие, кое е правен субјект, при што мора јасно да се разликува институтот сопственост над имот (во потесна смисла на граѓанско правна сопственост) и сопственост над претпријатие, кое како правен субјект на пазарот има соодветни права и должности, независно од тоа кој е сопственик на акциите. Според тоа, повеќе граѓани, меѓу кои и вработените во претпријатието, можат да бидат сопственици на претпријатието сразмерно на нивните удели, меѓутоа, тие го немаат тоа сопственосно право и над неговиот имот како целина, се додека тоа постои како стопански и правен субјект на пазарот. Поради тоа, не може да се прифати тезата дека работниците биле сопстеници на средствата на постојните претпријатија во општествена сопственост, ниту, пак, таа сопственост нормативно може да се трансформира со прогласување на постојните претпријатија како сопственици.

Еден од научните работници истакна дека може да се постави прашањето за уставноста на законското решение кое дава можност за пренесување на правата на управување со претпријатието на лицата кои ќе откупат најмалку 20% од проценетата вредност на претпријатието, затоа што тоа е спротивно на член 58 од Уставот, според кој управувањето со претпријатието треба да биде според обемот на материјалното учество во средствата на претпријатието. Притоа, го оспори и аргументот дека тоа решение претставува продавањае на претпријатието преку своевиден кредитен однос, тврдејќи дека таков однос не постои.

6. Според Уставот на СРМ од 1974 година, општествената сопственост како материјална основа на трудот беше еден од основните уставни институти, врз кој се градеше самоуправувањето како доминантен општествено-економски однос. Процесот на губењето на нејзината улога на доминантна уставна категорија започна со Амандманите на Уставот на СРМ од 1990 година, со кои се создаде двојност на продукционите односи во земјата, за да биде конечно нормативно елиминирана со Уставот на Република Македонија од 1991 година. Имено, со означените Амандмани се воведе сопственичкиот плурализам со рамноправност на сите форми на сопственост. Со тоа Амандманите ја отстранија доминантната положба на општествената сопственост во однос на другите сопственосни форми и дадоа можност за нејзина трансформација од општествено-економска основа на самоуправниот продукционен однос во класична сопствено-правна категорија, со определување титулар на правата и обврските што произлегуваат од неа.

Со Уставот на Република Македонија се воспостави битно нов концепт на општествено уредување. Во неговата основа лежи граѓанската демократија и гаранцијата на сопственоста во граѓанско – правна смисла. Така, согласно член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост, а според ставот 3, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста или правата што произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Согласно член 58 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Според мислењето на Судот, поаѓајќи од основната интенција на Уставот за изградба на граѓанско општество, кому општествената сопственост не му е иманентна, туку негова основна карактеристика е сопственоста како граѓанско-правен однос, тој не може ни да ја гарантира општествената сопственост. Поради тоа одредбите од член 30 од Уставот се однесуваат исклучиво на сопственоста во граѓанско-правна смисла на зборот. Со други зборови, општествената сопственост нормативно не егзистира во Устав на Република Македонија, туку претставува затечена категорија од поранешниот уставен поредок, така што обврската за нејзиното трансформирање произлегува непосредно од самиот Устав на Република Македонија. Затоа, според член 7 од Уставниот закон за спроведување на Уставот, Собранието на Република Македонија е овластено во рок од 6 месеци да донесе закон со кој ќе се уреди трансформацијата на општествената сопственост. Притоа, законодавното тело е овластенко да ги утврди условите, начините и формите на нејзиното трансформирање во некоја од сопстеничките категории. Во оваа смисла законодавецот е слободен во изборот како на називот на законот, така и во определувањето дали овој процес ќе се спроведе преку трансформација на претпријатијата што работат со капитал во општествена сопственост, или, пак, со трансформација на самата општествена сопственост во некој од познатите видови на сопственост, со почитување на темелните вредности на уставниот поредок утрдени во членовите 8, 30, 52, 57 и 58 од Уставот на Република Македонија.

Понатаму, во поглед на прашањето за подржавувањето на општествената сопственост, како почетно скалило во нејзиното трансформирање во еден од видовите сопстеност, според мислењето на Судот, Собранието на Република Македонија, како орган на законодавнагта власт, во рамките на генералното овластување да ги уреди односите поврзани со трансформацијата на општествената сопственост, со Уставот не е ограничено во пропишување на начинот, облиците и динамиката на таа трансформација.

Во оваа смисла, Судот смета дека, со оглед на околноста што со Законот се утврдени намените за кои ќе се користат средствата добиени со продажба на претпријатијата, Агенцијата за трансформација нема овластувања во врска со управувањето со тие средства, па според тоа, нема ниту ингеренции во користењето и располагањето со тие средства односно нема сопственички права. Според мислењето на Судот, таа е орган именуван од Владата за преземање дејствија за спроведување на законот, кој ќе престане да постои по извршување на задачите што му се определени со законот, а не и субјект врз кој се пренесуваат сопственичките права.

7. Во поглед на прашањето за начинот на конвалидација на интерните акции издадени според прописите што важеле пред влегувањето во сила на оспорениот закон, Судот смета дека законодавецот не е ограничен во изборот на начинот на нивната конвалидација, притоа почитувајќи го принципот на правната сигурност. Принципот на правната сигурност во овој случај не е повреден, бидејќи не се конвалидирани само оние акции што биле издадени на име исплатени лични доходи за кои не биле платени со закон утврдените обврски, односно само акциите што и според тогашните прописи не биле законити.

Во врска со прашањето дали со трансформацијата на општествената сопственост по основот продажба на претпријатијата на лица кои го презмеаат управувањето со претпријатијата се повредува уставната одредба според која основ за управувањето, покрај сопственоста, е и трудот (член 58 од Уставот на Република Македонија), Судот смета дека со оспорениот закон воопшто не се уредуваат односите за управување со претпријатијата. Со него се уредува само начинот на трансформацијата на општествениот капитал во некој од видовите сопственост, а не и меѓусебните односи помеѓу капиталот и трудот во управувањето со претпријатијата што, врз основа на принципите утврдени со член 58 од Уставот, треба допрва да се уредат со закон. Поточно, со оспорените одредби се уредува посебен облик на продажба на претпријатијата, кој не значи отстранување на учеството на носителите на трудот во управување со претпријатието, туку само промена на титуларот на правото на сопственост.

Судот смета дека прашањата за правата на поранешните сопственици се поврзани со конкретни имотни односи помеѓу носителите на правата врз средствата во општествена сопственост и поранешните сопственици чии средства биле почетна материјална основа на општествената сопственост. Притоа, Законот воопшто не го уредува прашањето за денационализацијата, туку се врши само обезбедување на правата на поранешните сопственици што треба да ги остварат според прописите за денационализација, кои на општ начин треба да ги уредат тие правни односи. Притоа, дали претпријатијата имаат прецизна евиденција за имотот на поранешните сопственици и начинот на кој ќе се решаваат нивните побарувања, се прашања што не се уредуваат со оспорениот закон.

Во врска со прашањата поврзани со непочитувањето на минатиот труд на вработените во претпријатијата, а преку тоа и на принципот на правичноста, Судот смета дека, со тоа што според законот работниците во претпријатието во кое работат можат да ги купуваат акциите по повластени услови и што можат да се јават како купувачи на акции и во други претпријатија, законот го респектирал и овој принцип.

Според мислењето на Судот, основен принцип на оспорениот закон е принципот на еквивалентност на меѓусебните давања при купувањето на претпријатијата како еден од начините на нивната трансформација. Притоа, Судот оцени дека Законот не содржи елементи за повластена положба на странците во купувањето на претпријатијата односно на нивните акции, бидејќи тие имаат еднаква положба како и домашните правни и физички лица.

Во поглед на наводите за нееднаквата положба на работниците од претпријатијата во стечај во однос на другите работници во процесот на приватизацијата, Судот смета дека се во прашање претпријатија со различна правна положба, па земањето предвид со оспорениот закон на разликите во нивната положба не го доведува во прашање уставното начело на еднаквоста.

8. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на Законот во целина, како и на неговите одделни одредби со Уставот.

9. Во поглед на наводите од иницијативите што се однесуваат на несогласноста на оспорениот закон со одредбите на други закони, како и за остварливоста и целесообразноста на одделни решенија од Законот, Судот оцени дека, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува за тие прашања.

10. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

11.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.

Leave a Reply