48/1994-0-0

48/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 март 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на точка 1 под “г” од дел ИИИ од Наредбата за видови на риболовни средства што може да се употребуваат за вршење на стопански и спортски риболов, како и ограничување на употребата на одделни риболовни средства за стопански и спортски риболов, донесена од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на 20 јануари 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Лазо Трпеноски од Охрид му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на оспорената одредба од наредбата означена во точка 1 од ова решение, затоа што со неа било забрането да се врши лов на риба со блинкер, со што министерот ги пречекорил овластувањата дадени со Законот за рибарство, затоа што забранил средства, што не било во согласност со Законот. Истовремено со иницијативата се бара Судот да ја запре од извршување оспорената одредба од Наредбата.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената наредба е донесена во смисла на член 46 став 1 алинеја 4 од Законот за рибарство и со неа се определуват риболовните средства што се дозволени за стопански и спортски риболов и се предвидени риболовните средства со кои се забранува стопански и спортски риболов. Така, во точката 2 под дел ИИ од Наредбата и во оспорената точка под “г” на дел ИИИ од Наредбата е забрането вршење на стопански и спортски риболов со блинкер со влечење на лов на секаков вид риби.

4. Во Законот за рибарство (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/93) е предвидено дека стопански и спортски риболов може да се врши со дозволени риболовни средства и се предвидени одредени забрани на ловење на риби, како што се на пример ловење на риби за време на мрестењето или за време на ловостој, ловење на риби под одредена големина, ловење на риби со разни видови на мрежи и други забрани.

Од изнесеното произлегува дека министерот е овластен да донесе прописи со кои, покрај другото, ќе ги определи и риболовните средстваа кои не смеат да се употребуваат за стопански и спортски риболов, што во себе го содржи и овластувањето да ја ограничи односно да ја забрани употребата на тие риболовни средства. Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека министерот не ги пречекорил своите законски овластувања со тоа што во оспорената одредба од Наредбата предвидел дека се забранува спортски риболов и со блинкер со влечење за лов на секаков вид на риба.

5. Со оглед на тоа што Судот не најде основ за поведување постапка за оценување законитоста на оспорената одредба од Наредбата оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд за запирање од извршување на оспорената одредба од Наредбата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев

Leave a Reply