34/1994-0-0

34/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 март 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на точка 3 ставовите 3 и 4 од Заклучоците за нормативот за наставен кадар по социологија, донесен од Републичкиот педагошки совет на 23 септември 1993 година и актот на Министерството за образование и физичка култура бр.11-5526/1, од 2 октомври 1993 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Здружението на социолозите на Македонија, му поднесе иницијатива со барање да поведе постапка за оценување уставноста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што допуштањето настава по социологија да вршат и професори кои немаат завршено студии по социологија ги доведувало во нееднаква положба професорите по социологија кои имаат завршено студии по социологија во однос на професорите кои немаат завршено такви студии, што не било во согласност со членовите 9 и 32 од Уставот на Република Македонија, како и со членовите 47 и 147 од Законот за насоченото образование.

3. На седницата Судот утврди дека со точката 3 од Заклучоците се усвоени измените во Нормативот за наставен кадар по социологија, при што, како исклучив услов за вршење настава по предметот социологија се предвидени завршени студии по социологија. Во ставот 3 е предвидено новиот норматив да се применува само за новите вработувања, а со ставот 4 се уредува статусот на затечените наставници кои го предаваат предметот социологија, а кои немаат завршено студии по социологија. Притоа, наставниците што имаат повеќе од 10 години искуство во изведувањето настава по предметот социологија, филозофија и марксизам и самоупра;вување, се сметаат за соодветен кадар за предавање на предметот социологија. Оние, пак, што имаат помалку од 10 години искуство во изведување настава по предметот социологија, филозофија и марксизам и самоуправување ќе се сметаат за соодветен кадар под услов во рок од 4 години да ги положат диференцијалните испити според наставниот план на Институтот за социологија на Филозофскиот факултет.

Со оспорениот акт на Министерството за образование и физичка култура училиштата за средно образование се известуваат за содржината на означените заклучоци.

4. Според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 од Уставот, секој има право на работа и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно член 47 од Законот за насочено образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.16/85, 2/86, 29/86,7/88, 43/88, 18/89, 29/89, 10/90, 12/90, 29/90, 11/91, 40/91), високо образование се здобива со: Завршување на соодветни планови и програми за воспитно-образовна дејност за високо образование во претходно здобиен III, IV и V степен на стручна подготовка; Завршување на соодветни планови и програми за воспитно-образовна дејност за високото образование, по претходно завршено више образование од иста или сродна струка.

Според член 147 од Законот, воспитно-образовната работа во средното образование ја остваруваат настаници и други стручни работници, а наставници можат да бидат лица кои завршиле соодветна група за образование на наставници на факултет, висока школа или уметничка академија.

Според мислењето на Судот, суштината на наводите во иницијативата се однесува на еднаквоста на граѓаните во остварувањето на правото да изведуваат настава по предметот социологија во средните училишта, според критериуми поврзани со видот на завршените студии. Во услови кога Законот за насочено образование, утврдувајќи ги општите услови го определил само степенот на образование (факултет, висока школа или уметничка академија), а во поглед на видот на образование утврдил само еден стандард, определувајќи го како “соодветна група на образование”, републичкиот педагошки совет како надлежен стручен орган е овластен да го утврди конкретниот вид на образование потребно за изведување настава по одреден предмет.

Според мислењето на Судот, утврдувањето на видот на образованието е работа на оценка на целиссообразноста на законодавецот во уредувањето на соодветните односи, а врз негова основа и во негови рамки, утврдувањето на конкретните услови за изведување настава по определен предмет претставува стручно прашање за кое одлучува надлежниот стручен орган. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените акти со означените уставни и законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.

Leave a Reply