7/1994-0-0

7/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 март 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 38 став 1, член 39 став 2 и член 40 став 2 од Законот за буџетите (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Тодор Петров, пратеник во Собранието на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што: членот 38 став 1 од Законот не бил во согласност со член 68 став 1 алинеја 6, член 118 и член 119 став 2 од Уставот на Република Македонија, поради тоа што со него било предвидено Владата да зема заеми од физички и правни лица од странство за покривање на буџетскиот дефицит, без претходно Собранието да донесе посебен закон за задолжување на државата, а потоа склучената спогодба за заем да биде ратификувана од страна на Собранието, како што било предвидено и во Законот за кредитните односи со странство и Законот за склучување и извршување на меѓународните договори; членот 39 став 2 од Законот не бил во согласност со членовите 118 и 119 од Уставот, затоа што Владата не можела да склучува договори во името на Собранието, туку во името на државата; и членот 40 став 2 не бил во согласност со член 119 став 2 од Уставот, затоа што правото на склучување на меѓународни договори не можело со закон да се пренесе на министер кој раководи со одредено министерство.

3. Судот на седницата утврди дека во член 38 став 1 од Законот е предвидено дека само Владата има право да зема заем од правни и физички лица од земјата и од странство, за покривање на буџетскиот дефицит и да дава гаранции за отплата на обврските по основ на земени заеми за оваа намена, а во член 39 став 2 е предвидено договорите за земени заеми и давање гаранции на трети лица од земјата и странство во името на Собранието да ги склучува Владата. Во член 40 од Законот е предвидено предлог за земање на заеми и давање на гаранции да дава министерот за финансии, по кој предлог Владата донесува одлука (став 1), а министерот за финансии во името на Владата ги склучува договорите за земање заеми и давање гаранции (став 2).

4. Според член 68 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Републиката како носител на законодавната власт е надлежно да донесува закони и да го донесува републичкиот буџет, а според член 91 од Уставот, Владата е овластена да го предлага републичкиот буџет и да ја утврдува политиката на извршување на законите и е одговорна за нивното извршување.

Со оглед на тоа што Собранието со Уставот е овластено со закон да ги утврдува јавните давачки како приход на буџетот и да го носи Буџетот на Републиката, Судот смета дека во тие рамки тоа може да предвиди и земање на заеми од домашни и странски лица за покривање на буџетскиот дефицит.

Со Буџетот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/93) точно е определен и износот на задолжувањето во странство како дел од билансот на приходите на Буџетот.

Владата како носител на извршната власт и како одговорна за извршување на законите е овластена да презема одредени мерки за извршување на Буџетот на Републиката.

Според член 119 став 1 од Уставот, меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува претседателот на Републиката, а според став 2 на овој член од Уставот, меѓународни договори може да склучува и Владата кога тоа е определено со закон.

Од изнесената уставна одредба недвосмислено произлегува дека со закон може да се овласти Владата да клучува одредени меѓународни договори.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај Собранието со закон ја овластило Владата да склучува меѓународни договори за земање на заеми од странски физички и правни лица за покривање на буџетскиот дефицит, што е утврден во Буџетот на Републиката, според мислењето на Судот, Собранието дало претходна согласност Владата во негово име да се задолжува кај странските субјекти за сите договори што таа ќе ги склучи за таа цел.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не е во несогласност со Уставот Собранието да ја овласти Владата да склучува меѓународни договори и за земање на заеми за покривање на буџетскиот дефицит, кој е со закон точно утврден, особено кога со Буџетот на Републиката е определен износот на средствата за кој може да се задолжува во странство, како што е предвидено со Буџетот на Републиката за 1994 година.

Според тоа, Судот оцени дека од овој аспект не може да се постави прашањето за согласноста на член 38 став 1 и на член 39 став 2 од Законот со означените уставни одредби.

5. Во однос на наводот од иницијативата дека оспорените одредби од Законот не биле во согласност со Уставот, затоа што со нив не било предвидено за секој склучен меѓународен договор за заем Собранието да донесе посебен закон, како што било предвидено во Законот за кредитните односи со странство и Законот за склучување и извршување на меѓународните договори, Судот смета дека тоа е прашање на законодавната политика, а за меѓусебна согласност на законите, согласно член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да одлучува.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека и по овој основ не може да се постави прашањето за уставноста на оспорените законски одредби.

6. Понатаму, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со член 118 од Уставот, според кој меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон. Според мислењето на Судот, од оваа уставна одредба не произлегува обврска секој склучен меѓународен договор од страна на овластените органи во Републиката да биде ратификуван и да претставува дел од внатрешниот правен поредок, туку тоа е право на оценка на законодавецот.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај Собранието со закон ја овластило Владата да склучува меѓународни договори за точно утврдена намена и износ на средства, Судот оцени дека со тоа што отсуствуваат одредби во Законот за ратификација на вака склучените договори не го прават законот несогласен со означените уставни одредби.

7. Во однос на оспорениот член 40 став 2 од Законот, со кој е овластен министерот за финансии да склучува договори во име на Владата за земање на заеми и давање гаранции врз основа на одлука на Владата, Судот оцени дека, исто така, не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот, затоа што со Закон е предвидено претходно донесување на одлука на Владата за склучување на договор за земање на заеми, што е основ и рамка за потпишување на договорот, така што министерот како член и претставник на Владата всушност само го потпишува договорот во име на Владата.

8. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец. (У.бр.7/94)

Leave a Reply