70/1993-0-0

70/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 март 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 15 став 1 точка 20 од Законот за административните такси (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/93).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 37, тарифен број 4 од законот означен под точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Пратеничката група на Партијата за демократски просперитет и Демократскиот форум за заштита на правата на човекот во Македонија од Куманово, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените членови од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што во постапката за стекнување на државјанство иселениците и граѓаните од македонско потекло се ослободувале од плаќање на такса, што не било согласно со начелото на еднаквоста предвидено во Уставот на Република Македонија. Исто така, со иницијативата Законот се оспорува и од аспект на висината на износот на таксата што требале да ја платат странските државјани за стекнување на државјанство на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 15 став 1 точка 20 од Законот за административните такси иселениците и граѓаните од македонско потекло се ослободени од плаќањето на такса во постапката за стекнување на државјанство. Исто така, Судот утврди дека согласно член 37, тарифен број 4 под 1 за решение за стекнување на државјанство на Република Македонија на лица од републиките на поранешната СФРЈ кои живеат во Република Македонија се плаќа такса во противвредност од 50 САД долари.

5. Согласно член 9 став 1 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Согласно ставот 2 на овој член граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 29 од Уставот, странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот под услови утврдени со закон и меѓународни договори.

Согласно членот 49 став 1 и 2 од Уставот Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија и ги унапредува врските со нив.

Според членот 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Тргнувајќи од тоа дека странците во Република Македонија слободите и правата гарантирани во Уставот ги уживаат под услови утврдени со закон и меѓународни договори и дека Собранието на Република Македонија е овластено да ги утврдува јавните давачки, Судот смета дека не се повредува уставното начело на еднаквост, ако Собранието за определени обврзници пропише ослободувања или олеснувања во поглед на плаќањето на јавните давачки, а во тие рамки и во поглед на плаќањето на административните такси за стекнување на државјанство.

6. Што се однесува до прашањето за висината на износот на таксата што странските државјани треба да ја платат за стекнување на државјанство на Република Македонија, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, овој суд не е надлежен да одлучува, затоа што висината на јавните давачки е прашање на законодавната политика.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец. (У.бр.70/93)

Leave a Reply