113/1993-0-0

113/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членовите 70 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 март 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Заклучокот за давање согласност за зголемување на наменскиот денар, донесен од Извршниот одбор на Собранието на град Скопје на 6 март 1993 година.

2. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување законитоста на Одлуката за издвојување на наменски средства за механоопременост за изградба на депонијата “Дрисла”во цената на водата и сметот, донесена од Јавното комунално претпријатие “Комуналец” од Скопје на 13 август 1991 година, како и заклучокот на Извршниот одбор на Собранието на град Скопје од 19 февруари 1992 година.

3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесената иницијатива од Крсто Иванов од Скопје, поведе постапка за оценување законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Законот за буџетите.

5. На седницата Судот утврди дека со заклучокот на Извршниот одбор на Собранието на град Скопје од 15 јули 1991 година, е задолжено јавното комунално претпријатие “Комуналец” во наредните пет месеци (август декември) да обезбеди определен обем на средства за изградба на депонијата “Дрисла”, со воведување наменски денар за сите корисници на услуги преку цената на водата и сметот.

Понатаму, Судот утврди дека јавното комунално претпријатие “Комуналец” од Скопје, врз основа на овој Заклучок, донело Одлука за издвојување наменски средства за механоопременост за изградба на депонијата “Дрисла” во цената на водата и сметот.

Судот утврди дека иако Одлуката е од времен карактер и се применувала во временскиот период од 1 август до 31 декември 1991 година, наменскиот денар и натаму се наплатувал врз основа на Заклу~окот на Извршниот одбор на Собранието на град Скопје од 19 февруари 1992 година. Со Заклучок од 6 март 1993 година, Извршниот одбор на Собранието на град Скопје утврдил дека за механоопременост на депонијата “Дрисла” за месец март ќе се плаќа наменски денар во определен износ по м3 потрошена вода односно по м2 површина подигнат смет, кој ќе се зголемува секој нареден месец согласно порастот на цените на мало. При тоа, според заклучокот собраните средства ќе се префрлуваат на посебна сметка за наменски денар на Собранието на град Скопје.

6. Според член 33 од Уставот на Република Македонија, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки, а според член 117 став 3 Градот Скопје се финансира од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.

Според член 5 од Законот за буџетите (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/93), приходите на единиците на локалната самоуправа се обезбедуваат од данок на имот, данок на наследство и подарок, данок на промет на недвижности и права, од комунални такси, од дополнителни приходи од Буџетот на Републиката во согласност со посебен закон, од приходи од донации примени од земјата и странство (во стока и пари), од други приходи отстапени на буџетите на единиците на локалната самоуправа по разни основи во согласност со закон, како и приходите по основ на земање на заеми од Буџетот на Републиката со кои се финансира буџетскиот дефицит. Согласно член 6 од Законот, по исклучок на членот 5 на овој закон, приходите на градот Скопје се обезбедуваат во висина од 38,5% од приходите од даноците и комуналните такси остварени на подрачјето на Градот.

Судот оцени дека оспорениот заклучок не е во согласност со означените уставни и законски одредби, бидејќи со закон не е предвидена можност градот Скопје да воведува јавна давачка во вид на наменски денар, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

Со оглед дека оспорената одлука на Јавното комунално претпријатие “Комуналец” од 13 август 1991 година престанала да важи на 31 декември 1991 година, а оспорениот Заклучок на Извршниот одбор на Собранието на град Скопје од 19 февруари 1992 година престанал да важи со донесувањето на заклучокот од 6 март 1993 година, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за натамошно водење на постапката, поради што одлучи како во точката 2 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.

Leave a Reply