174/1994-0-0

174/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 февруари 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за донесување Детален урбанистички план за урбанистичките единици бр.14 и 61 – населба “Тасино Чешмиче”, донесена од Собранието на град Скопје (“Службен гласник на град Скопје” бр.10/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што не била донесена во постапка предвидена со закон, со оглед на тоа што за нејзиното донесување не била прибавена согласност од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија и не биле земени предвид барањата на подносителот на иницијативата за оформување на катастарска парцела на која му било признато предимствено право на градба, а надлежниот орган бил должен да ги земе предвид спорните парцели за кои се водело постапка. Покрај тоа, планот морал да биде усогласен со одлуките на надлежните органи, односно Министерството за финансии и Врховниот суд на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека по нацртот на Планот била спроведена јавна расправа на 24 септември 1991 година, со излагање на Планот во просториите на месната заедница “Црниче” – Скопје. По спроведената јавна расправа, со предлог на оспорената одлука на Собранието му е доставен извештај со образложение за неприфатените забелешки по нацртот на Планот.

Судот, исто така, утврди дека на Планот е дадена претходна согласност од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија.

Според член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 38/90), урбанистичкиот план се изработува во две фази, нацрт на план и предлог на план. Нацртот на урбанистичкиот план задолжително се става на јавна расправа. Јавната расправа ја спроведува органот надлежен за работите на урбанизмот. Јавната расправа за урбанистичкиот план се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заеадница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот, надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа. Врз основа на прифатените забелешки од јавната расссправа се подготвува предлог на планот.

Со членот 32 од Законот е предвидено урбанистичкиот план, пред донесувањето задолжително да се доставува до републичкиот орган на управата, надлежен за работите на урбанизмот на согласност заради оцена на нивната меѓусебна усогласеност, како и усогласеноста со просторните планови и со одредбите на овој закон.

Според член 33 од Законот, органот на управата надлежен за урбанизам, на собранието на општината му доставува предлог на урбанистички план, заедно со извештајот од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.

Со членот 37 став 2 од Законот е предвидено измените и дополнувањата на урбанистичките планови да се вршат на начин и постапка пропишани со овој закон.

Со оглед на тоа што при донесувањето на оспорената одлука била обезбедена постапката пропишана со Законот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Во врска со другите прашања на кои се укажува во иницијативата, а се однесуваат на тоа дека при донесувањето на планот не се имале предвид постојните катастарски парцели за оформување на локација на која било признато предимствено право на градба и дека Планот не бил во согласност со одлуките на надлежните органи во врска со предимственото право на градба, Судот најде дека не е надлежен да одлучуваа, затоа што согласно член 110 од Уставот, оценува уставност и законитост на прописите, а не и меѓусебна согласност на катастарските парцели со урбанистичките планови.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

Leave a Reply