18/1994-0-0

18/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 февруари 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 39 став 1 и член 50 од Законот за данокот од добивка (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Здравствената работна организација “Дебарски Бањи” од Дебар и ПП “ИНТЕЛ” од Битола му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативите, со оспорената одредба на член 39 став 1 од Законот, обврзниците на данокот од добивка се доведувале во нееднаква правна положба на пазарот, бидејќи не се давало можност за обврзниците кои работеле во летниот период, конечната пресметка и плаќање на данокот да го вршат на крајот на месец јуни, туку како и за сите обврзници, таа пресметка да ја вршат на крајот на календарската година, што било во несогласност со член 55 став 2 од Уставот, а со оспорената одредба на член 50 од Законот се допуштало повратно дејство на законот кое не било поповолно за граѓаните, што било во несогласност со член 52 став 4 од Уставот.

3. Судот на седницата утрди дека според член 39 став 1 од Законот, привремената пресметка и плаќањето на данокот од добивка во текот на годината се врши во рокот пропишан за предавање на полугодишната пресметка, а конечната пресметка и плаќање на данокот од добивка во рокот пропишан за донесување на годишната пресметка согласно со Законот за сметководството.

Со оспорениот член 50 од Законот е уредено дека по исклучок на одредбите на членовите 39 и 40 од овој закон, правното лице како обврзник на данокот од добивка, е должно при плаќањето на данокот од добивка со конечната пресметка за 1993 година, како и заради утврдувањето на месечниот износ на аконтацијата за периодот ферурари-јуни 1994 година да ја зголеми основата на данокот од добивката утврдена врз основа на податоците од годишната пресметка за 1993 година со резултатот од нивелацијата на цените на стоките што е вклучен во ревалоризационата резерва за сразмерниот дел што отпаѓа на продадените стоки.

4. Според член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Согласно член 52 став 4 од Уставот законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Според мислењето на Судот, недавањето можност за одделни обврзници данокот од добивка да го плаќаат во зависнот од специфичностите под кои ја остваруваат добивката,туку тоа да го правата како и сите обврзници – пресметката да ја вршат со поднесување на годишната пресметка на крајот на календарската година, не значи и нивно доведување во нееднаква правна положба на пазарот.

Понатаму, според мислењето на Судот, оспорената одредба на член 50 од Законот утрдува само основица за аконтативното плаќање на данокот од добивка што доспева во текот на 1994 година, а оваа даночна обврска се утрдува со конечната пресметка за утврдување и плаќање на данокот од добивката што се врши со годишната пресметка. Според тоа, оспорената одредба не утврдува повратно дејство на Законот.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби на член 39 став 1 и член 50 од Законот со член 52 став 4 и член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец. (У.бр.18/94)

Leave a Reply