Решение У.бр.134/1993

У.бр.134/1993

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28, член 68 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 февруари 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Ратко Стојановски од Скопје за заштита на слободата и мислата и јавното изразуваање на мислата.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Ратко Стојановски од Скопје му поднесе барање за заштита на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, кои според него биле повредени со Одлуката бр.04-5708/2 за престанок на работниот однос, донесена од Дисциплинската комисија на Јавното сообраќајно претпријатие “Скопје” во Скопје, на 25 октомври 1991 година и потврдена со Одлука бр.02-7252, донесена од Работничкиот совет на ЈСП “Скопје”, на 6 декември 1991 година.

3. Судот на седницата утврди дека со означената одлука на подносителот му престанал работниот однос, поради повеќе повреди на работните обврски со кои се предизвикало нарушување на односите во извршувањето на работните задачи, се оневозможувала и отежнувала работата на другите работници, се предизвикало пореметување на работењето и се причинувала материјална штета на Претпријатието.

Со оглед на тоа што, со оспорената одлука е изречена дисциплинска мерка за повреда на работните обврски, за чија заштита одлучуваат органите во претпријатието и надлежниот суд, а не поради користење на слободата на мислата и јавното изразување на мислата што, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, ги штити Уставниот суд, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по барањето, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.

Leave a Reply