89/1993-0-0

89/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 јануари 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 9 од Правилникот за утврдување на личниот доход на работниците во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и користење на средствата за непосредна заедничка потрошувачка, донесен од министерот за внатрешни работи на 2 декември 1991 година, изменет и дополнет и на Бодовната листа, составен дел на Правилникот.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Владислав Борнаров од Скопје и Младен Костовски од Кичево му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што во член 9 од Правилникот било дадено овластување на министерот да утврдува различна вредност на бодот за работниците со посебни овластувања и одговорности и што Правилникот бил донесен без претходна расправа на работниците, што не било во согласност со Уставот и со закон.

3. На седницата Судот утврди дека според членот 9 од Правилникот придонесот во извршувањето на работите и работните задачи се врши со бодирање, а бодот има аконтациона и конечна вредност која се определува со финансовиот план. Во текот на годината Аконтационата вредност може да се менува со решение на министерот. Министерот за внатрешни работи може да утврди посебна вредност на бодот за работниците со посебни должности и овластувања (овластени службени лица), а друга вредност на бодот за останатите работници во министерството, во зависност од висината и начинот на обезбедените средства во Буџетот на Републиката за министерството. Понатаму, министерот може да утврди посебна вредност на бодот за работниците на работните места во противпожарните единици, во зависност од обезбедените средства за таа намена, а конечна вредност на бодот се утврдува со завршна сметка.

Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, правата на работниците кои произлегуваат од работниот однос се уредуваат со закон и колективен договор.

Според член 219 од Законот за органите на управата (“Службен весник на СРМ” бр.40/90 и 41/90), во рамките на средствата за работа на органите на управата, во зависност од видот, обемот и квалитетот на извршените задачи, работниците во органите на управата стекнуваат лични доходи во согласност со закон, колективен договор и прописите донесени врз основа на закон, а според член 221 став 4 од овој закон, функционерот кој раководи со органите на управата, врз основа на оценката за вредноста, сложеноста, одговорноста и обемот по поодделни работи и задачи, како и квалитетот на работните задачи, со општ акт го определува коефициентот што ќе служи како основа за пресметување на личниот доход на работниците.

Согласно член 153 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на СРМ” бр.37/80 – пречистен текст, бр.24/88, 36/91 и 19/92), поради посебни услови за работа и природата на вршењето на работите на органите на управата надлежни за внатрешни работи им се обезбедуваат средства од кои работниците на работната заедница стекнуваат доход за работите и работните задачи на кои се вршат посебни должности. Согласно член 48 од овој закон, статусот на овластените службени лица е определен со закон, при што министерот е овластен да определи и други лица кои имаат посебни овластувања и одговорности.

5. Од изнесените законски одредби произлегува дека министерот за внатрешни работи е овластен да го определи личниот доход на работниците во министерството, како и да определува и други лица кои ќе имаат посебни овластувања и одговорности и дека со закон е дадена можност за овластените службени лица износот на средствата за лични доходи да се зголеми најмногу за 20% над лимитот на средствата за лични доходи, што, според мислењето на Судот, значи и можност за утврдување на различна вредност на бодот, како начин за вреднување на работите и работните задачи на овластените службени лица.

Со оглед на тоа, Судот оцени дека неможе да се постави прашањето за согласност на оспорената одлука со означените уставни и законски одредби.

Исто така, со законот не е предвидена обврска за министерот оспорениот акт да го изнесе пред работниците пред неговото донесување, поради што Судот оцени дека и од овој аспект не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот правилник со Уставот и со закон.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply