11/1993-0-0

11/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седниците одржани на 12 и 26 јануари 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 127 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91 и 46/93).

2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. На Уставниот суд на Република Македонија Лекарската комора на Македонија, Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет во Скопје, му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на член 127 од Законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со него се забранувало здравствената дејност да се врши со личен труд како дополнителна дејност, што не било во согласност со интенциите на Уставот за поголемо ангажирање на приватниот капитал и иницијативата на граѓанинот, како главен носител на новиот граѓански модел на општественото уредување, со што се ограничувало уставното право на работа и слободата на претприемништвото, креативноста на стручните кадри од оваа дејност и што со нив се создавала нееднаквост на граѓаните што вршеле здравствена дејност со другите граѓани што вршеле други дејности.

4. Судот на седниците утврди дека со член 121 од Законот за здравствена заштита е дозволено самостојно вршење на здравствената дејност со личен труд од страна на здравствените работници, под определени услови, при што како еден од условите е здравствениот работник да не е во работен однос или да не остварува право на пензија.

Во оспорениот член 127 од Законот е предвидено здравствената дејност да не може да се врши со личен труд како дополнителна дејност.

Судот, исто така, утврди дека со член 200 од Законот за здравствена заштита постојните здравствени организации се прогласени за јавни здравствени организации, а основачките права и обврски ги презема Републиката.

4. Според член 32 став 1 од Уставот на Република Македонија, секој има право на работа и слободен избор на вработување, а според став 5 на овој член од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од оваа уставна одредба произлегува дека основно право на секој човек е правото на работа, кој при остварување на ова уставно право е слободен во изборот на вработувањето. Тоа значи дека секој сам одлучува каде ќе се вработи и каква дејност ќе врши, а со законот само се уредува положбата на вработените и условите за вршење на одделни дејности. Според тоа, Судот смета дека постои уставен основ со закон да се уреди остарувањето на правата на вработените и во здравствената дејност.

Понатаму, според член 58 став 2 од Уставот учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон.

Со оглед на тоа што според законот постојните здравствени организации се прогласени како јавни установи, а Републиката се јавува како носител на основачките права и обврски, Судот смета дека Републиката може со закон да ги утврди условите што по природата на работите и оценката на законодавецот се неопходни за вршење на здравствената дејност, а како еден од тие услови да предвиди дека оваа дејност не може истовремено да се врши од исто лице во јавните здравствени организации и како дополнителна дејност со личен труд.

Исто така, Судот смета дека државата односно законодавецот, раководејќи се од член 39 од Уставот, со кој на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, е надлежен и одговорерн да ги определи условите, начинот и средствата за задоволување на здравствените потреби на граѓаните, да ја вреднува општествената целисходност на едно или друго решение и да создаде нормативни претпоставки за остварување на уставно гарантираното право на здравствена заштита, па во таа смисла да го регулира и дополнителното вршење на здравствената дејност, како што постапил во оспорениот член 127 од Законот.

Според мислењето на Судот, со определувањето здравствената дејност да не може да се врши како дополнителна дејност со личен труд не се ограничуваат со Устав гарантираните права од областа на вработувањето, затоа што дополнителната работа е само сегмент на работното и професионалното ангажирање на граѓаните, кое решава~ки не влијае врз остварувањето на основното право на работа и на правото на слободен избор на вработување на здравствените работници. Со Законот за здравствена заштита здравствените работници не се ограничени во правото слободно да одлучат дали ќе работат во јавни или други здравствени организации, или, пак, самостојно со личен труд ќе ја вршат здравствената дејност.

Во поглед на прашањето дали со ограничувањето на можноста одделни дејности да се вршат со дополнителна работа или со личен труд, се повредува уставното начело на еднаквост на граѓаните, Судот оцени дека според член 68 од Уставот, Собранието на Републиката како законодавна власт е овластено да ги утрдува условите за вршење на одделни дејности посебно за оние кои имаат своја специфичност, а се од јавен интерес и во кои се остваруваат одредени уставни права на граѓаните, како што е во случајот правото на здравствена заштита. Според тоа, секој што се занимава со одредена дејност е должен да ги почитува правилата утврдени со законот, кои според оценката на законодавецот обезбедуваат порационално и поуспешно вршење на дејноста битна за остварување на уставните права на граѓаните и задоволување на нивните потреби и интереси, но и на заедницата во целина. Притоа, начинот на уредување на овие односи е прашање на законодавната политика на Собранието.

Исто така, според мислењето на Судот, со оспорената законска одредба не се ограничува слободата на претприемништвото утврдена во член 55 став 1 од Уставот, затоа што со неа здравствените работници не се ограничени во рамките на извршувањето на својата работа и творештвото во јавната или приватната здравствена дејност слободно да ја изразат својата креативност, стручност и иницијативност, туку со неа само се утврдуваат условите за вршење на здравствена дејност.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 127 од Законот со означените уставни одредби, поради што одлучи како во точка 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply