226/1993-0-0

226/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” БР.70/92), на седницагта одржана на 12 јануари 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 15 ставовите 3 и 4, член 49 и член 51 од Законот за основните сопственосноправни односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.6/80 и 36/90).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Владо Калчевски од Битола и Симо Јовановски од Скопје му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијатаивите, со оспорените одредби на ставовите 3 и 4 од член 15, кои биле во несогласност со ставовите 2 и 6 на овој член од Законот, се ограничувала сопственоста на сосопствениците на неподелен предмет, што било во несогласност со член 58 од Уставот, а со оспорените одредби на член 49 и член 51 од Законот се одземала или ограничувала сопственоста и правата што произлегуваат од неа, што било во несогласност со член 30 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 15 став 1 од Законот за сосопствениците имаат право заеднички да управуваат со предметот, а според ставот 2 за преземање работи на редовно управување со предметот е потребна согласност од сосопствениците чии делови заедно претставуваат повеќе од половината од вредноста на предметот.

Според оспорениот став 3 на овој член, ако во случаите од претходниот став не се постигне согласност, а преземањето на работите е неодложно за редовно одржување на предметот, за тоа одлучува судот. Исто така, со оспорената одредба на став 4 на овој член е уредено дека за преземање работи што ги надминуваат рамките на редовното управување (отуѓување на целиот предмет, промена на намената на предметот, издавање на целиот предмет во закуп, засновање хипотека на целиот предмет, засновање предметни службености, поголеми поправки и сл.), потребна е согласност од сите сосопственици.

Со ставот 5 на овој член е уредено дека сосопствениците можат да му го доверат управувањето со предметот на еден или на неколкумина сосопственици или на трето лице, а со ставот 6 на овој член дека трошоците на користењето, управувањето и одржувањето на предметот и другите товари што се однесуваат на целиот предмет ги поднесуваат сосопствениците сразмерно со големината на нивните делови.

Со оспорениот член 49 став 1 од Законот е пропишано дека предметната службеност е право на сопственикот на една недвижност (повластено добро) за потребите на таа недвижност да врши определени дејствија врз недвижноста на друг сопственик (послужно добро) или да бара од сопственикот на послужното добро да се воздржува од вршење определени дејствија, што инаку би имал право да ги врши врз својата недвижност. Со ставот 2, пак, е предвидено дека предметната службеност мо`е да се воспостави на определено време или за определено годишно време, а според ставот 3 на овој член, ако привилегираното или послужно добро е општествено средство во општествено правно лице, работниците и другите работни луѓе во тоа општествено-правно лице ги имаат правата односно обврските што произлегуваат од предметните службености, ако со закон или договор не е определено поинаку.

Според оспорениот член 51 од Законот, предметната службеност се заснова со правна работа, со одлука на државен орган и со одршка.

4. Со член 30 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 на оваа одредба, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединцот и на заедницата, а според ставот 3, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Според ставот 4 од овој член на Уставот, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопстеноста, се гарантира правичен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според мислењето на Судот, утврдувањето на сосопственоста не значи ограничување на сопственоста и правата што произлегуваат од неа, туку уредување на заемните односи на сосопствениците во услови на еднаквост на правото. Исто така и одлуката на судот, кога нема согласност помеѓу сосопствениците за преземање работи на редовно управување со предметот чии делови заедно претставуваат повеќе од половината од вредноста на предметот, да може да се наметнуваат обврски за одделни од нив, не претставува ограничување на правата што произлегуваат од сопственоста, туку на тој начин се обезбедува правна заштита на сопственоста на сите сосопственици, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Притоа, поаѓајќи од општата презумпција дека нема право без обврска, изразено и во ставот 2 на член 30 од Уставот, Судот смета дека евентуалната колизија, односно конкуренција на правата над ист предмет, не значи и нивна негација.

Понатаму, според мислењето на Судот, институтот службеност е во функција на сопственоста, која согласно споменатиот уставен принцип дека сопственоста треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, што подразбира дека правото на службеност произлегува и од интересот на заедницата да се овозможи остварување на целосната содржина на секое право на сопственост. Доколку, пак, во текот на користењето на правото на службеност настане штета, Законот не ја исклучува можноста од правичен надомест, односно од обезштетување на сопственоста на послужното добро. Во таа смисла, Судот смета дека и интервенцијата на државниот орган во засновањето на правото на службеност не значи ограничување на сопственоста, туку обезбедување на правна заштита на сопственоста, односно нејзино целосно користење во согласност со споменатиот уставен принцип.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби на член 15 ставовите 3 и 4, член 49 и член 51 од Законот со член 30 од Уставот на Република Македонија. Судот, исто така, оцени дека член 58 од Уставот, на кој се повикува иницијативата, не се однесува на заштитата на правото на сопственост, туку со него се уредуваат основите за управувањето и учеството во одлучувањето.

По однос на наводите во иницијативата за меѓусебната несогласност на оспорените со другите одредби од членот 15 од Законот, Судот, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply