169/1993-0-0

169/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Устанвиот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 ноември 1993 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за прогласување општ интерес на земјиште 5 класа, во површина од 1500 м2, во местото викано “Голо Брдо” во КО Блатец, за изградба на валавница, чии инвеститори се Христо Трајковски и Илија Атанасов, донесена од Собранието на Општина Виница на 26 април 1991 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Виница”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата од Трифун Филипов од село Блатец во Општина Виница, со Решение У.бр.169/93 од 6 октомври 1993 година, поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 54 став 2 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.
4. На седницата Судот утврди дека со Одлуката, покрај другото, се определува локација за изградба на валавница и дека за тоа не е издадена претходна согласност од надлежните републички органи на управата.
Во член 54 став 2 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90) е пропишано дека општиот акт на собранието на општината за определување локација за изградба на јавни, општествени односно стопански објекти, се донесува по претходно издадена согласност од републичките органи на управата надлежни за работите на урбанизмот и земјоделството.
Со оглед на тоа што оспорената одлука е донесена без претходна согласност од надлежните републички органи на управата, Судот оцени дека таа не е во согласност со означената законска одредба, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply