164/1993-0-0

164/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 ноември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Правилникот за основите и мерилата за распределба настанови, донесен од претседателот на Општинскиот суд во Охрид на 28 април 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Милена Мишковска Митревска му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што бил донесен од ненадлежен орган, не бил предвиден и вреднуван основот самохран родител, во постапката за донесување на одлука за доделување на стан учествувал претседателот на судот, кој го утврдувал редоследот за добивање стан и донесувал решение за добивање стан, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со Решение У.бр.163/93 од 14 јули 1993 година не повел постапка за оценување уставноста и законитоста на оспорениот правилник, затоа што оценил дека тој како во поглед на постапката, така и во материјално-правните одредби не е во несогласност со Уставот и со закон.
Што се однесува до наводите во иницијативата дека претседателот на Судот учествува во конкретната распределба на становите, тоа претставува примена на актот за што Судот, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.
Со оглед на тоа што за истата работа Судот веќе одлучувал по повод на поднесената иницијатива, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, одлучи како во точкат 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply