Одлука У.бр.190/1992

У.бр.190/1992-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 октомври 1993 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Правилникот за службата во армијата на Република Македонија, донесен од Министерот за одбрана на 13 јули 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.48/92).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.190/92 од 16 јуни 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на правилникот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со Законот за одбрана.

4. Судот на седницата утврди дека според член 1 од оспорениот правилник како служба во армијата на Република Македонија се смета вршење на воени и други должности во армијата. Според член 3 од Правилникот, лица на служба во армијата се воени старешини и грагански лица. Понатаму, во овој правилник се определени посебните услови за прием во служба на армијата, условите за унапредување во чинови, начинот на оценување и субјектите што го вршат оценувањето, условите и мерките за дисциплинската одговорност на воените старешини, граганските лица и војниците за време на службата, условите за поставување, распоредување и разрешување во службата, примањата, надоместоците, работното време, одморите и отсуствата и други права за време на службата, како и одредби за приемот, распоредот, преместувањето и престанокот на службата на граганските лица во армијата. Од изнесеното произлегува дека со оспорениот правилник целосно е уредена службата и должностите во армијата.

Исто така, Судот утврди дека основа за донесување на оспорениот правилник беше член 46 од законот за одбрана, според кој службата и другите должности во армијата се уредуваа со правилник, што го донесува Министерот за одбрана. Со оглед на тоа што со Законот не се утврдени основите за уредување на односите во службата на армијата, како ни рамките на овластувањето на Министерот, Судот со Одлука У.бр.94/92 од 12 мај 1993 година го укина член 46 од Законот како несогласен со Уставот.

5. Според член 8 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Носител на законодавната власт, според член 61 од Уставот, е Собранието на Република Македонија, кое, според член 122 став 2 од Уставот, има право и должност да донесе закон со кој ќе ја уреди одбраната на Републиката. Носител на извршната власт на Република Македонија, според член 88 од Уставот, е Владата, која, согласно член 91 од Уставот, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и донесува уредби и други прописи за извршување на законите. Според член 95 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон. Органите на државната управа, согласно член 96 од Уставот, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека организацијата и работата на органите на државната управа, а во тие рамки и нивните надлежности, се утврдуваат со закон, имајќи ја предвид нивната уставна положба, како дел од извршната власт. Во согласност со таа положба органите на државната управа може да се овластат да донесуваат прописи со кои се разработуваат законските одредби заради нивно извршување, при што законот на чие извршување тие се однесуваат мора да се утврдат основите за уредување на односите, како и рамките на овластувањето на органот на државната управа.

Со оглед на тоа што оспорениот правилник целосно се уредени службата и должностите во армијата, безпритоа во Законот да бидат утврдени основите и рамките за овластувањето на Министерот, Судот оцени дека тој не е во согласност со означените уставни одредби и со Законот за одбрана.

6. Разгледувајќи ги одредбите од оспорениот правилник, Судот утврди дека во член 22 е уредено прашањето за правото на жалба на оценката на воените старешини и е пропишано дека против одлуката донесена по жалба старешината нема правно средство на заштита.

Со член 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Согласно член 83 од Законот за основните права на работниот однос, кој, согласно член 2, се применува и на лицата во служба на армијата, ако со закон не е поинаку предвидени, работникот кој не е задоволен со конечната одлука на надлежниот орган во организацијата или ако тој орган не донесе одлука во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето односно приговорот, има право во наредниот рок од 15 дена да бара заштита на своите права пред надлежниот суд.

Од означените уставни и законски одредби произлегува дека против поединечните акти со кои се одлучува за остварувањата на поединечните права на граганите, односно на вработените задолжително се обезбедува судска заштита.

Со оглед на тоа што во оспорениот член од Правилникот се ограничува правото на судска заштита, Судот оцени дека тој не е во согласност со означените уставни и законски одредби.

7. Понатаму, Судот утврди дека во членовите 29 до 38 од Правилникот е уредено прашањето за одговорноста на воените старешини, граганските лица и војниците за време на службата.

Според член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредува со закон и со колективни договори.

Во Законот за основните права од работниот однос се утврдени дисциплинските мерки што можат да се изречат за повреда на должностите и на работните обврски, постапката и органите за изрекување на тие мерки и заштита на работниците. Така, со член 55 од овој закон, како дисциплински мерки се предвидени јавната опомена, паричната казна и престанувањето на работниот однос.

Во Законот за одбрана, како специјален закон, е предвидено дека Претседателот на Републиката е овластен да донесува правила за внатрешниот ред, дисциплината и односите во вршењето на воената служба во армијата.

Од изнесеното произлегува дека со закон се утврдени дисциплинските мерки, органите и постапката за дисциплинската одговорност, а за дисциплината и внатрешниот ред во армијата правила донесува Претседателот на Републиката.

Со оглед на тоа што во оспорените членови од Правилникот се утврдеи дисциплинските мерки од страна на министерот за одбрана, а мегу нив и мерката губење на чин, која со закон не е предвидена како дисциплинска мерка, Судот оцени дека тие не се во согласност со означените уставни и законски одредби.

8. Исто така, Судот утврди дека во членовите 37 и 71 став 2 од Правилникот е предвидено жалбата против одлуката за изречена дисциплинска мерка, освен за дисциплинската мерка губење чин, како и жалбата против актите за поставување, преместување и оддалечување од должност да не го задржува нивното извршување.

Во член 80 став 3 од Законот за основните права од работниот однос е утврдено општо правило дека поднесувањето на приговорот против одлуките што се однесуваат за правата, обврските и одговорностите на работниците го задржува извршувањето на одлуката до донесувањето на конечна одлука, освен во случаите утврдени со закон.

Со оглед на тоа што во означените членови 37 и 71 став 2 од Правилникот е пропишано жалбата против поединечните акти не го задржува извршувањето, без за тоа да има основ во законот, Судот оцени дека тие не се во согласност со означените законски одредби.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

10. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply