203/1993-0-0

203/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Мкедонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 октомври 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката за пристапување кон измени и дополнување на Деталниот урбанистички план на градот Кочани во делот на КП.бр.4051 и КП.бр.4048, донесена од Собранието на Општина Кочани на 15 април 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Михаил Минов од Коичани му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што била донесена спротивно на член 37 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, дека иницијативата за нејзино донесување била од ненадлежен орган, дека била донесена со цел да се легализира диво користената пристапна патека преку дворното место на КП.бр.4048, дека куќата изградена на таа парцела ја губела својата функција и естетика и дека со неа бил одземен дел од дворното место на КП.бр.4048, иако таа порано била урбанистички дефинирана и доделена врз основа на првенствено право на градење, што не било во согласност со закон.
Исто така, подносителот на иницијативата, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, побара Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија што ќе се преземат врз основа на оспорената одлука.
3. На седницата Судот утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 22 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање и дека со неа се пристапува кон измени на Деталниот урбанистички план во делот на КП.бр.4051 и КП.бр.4048, дека тие измени се состојат во дефинирање на постојните урбанистички парцели со пристапи, органот што ќе ја финансира изработката на планот, рокот на изработката, носителот на изработката и нејзиното влегување во сила.
4. Разгледувајќи ја иницијативата Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки да одлучува по неа, затоа што со оспорената одлука само се започнува постапката за измени и дополнување на урбанистичкиот план и сеуште нема донесен акт за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план кој согласно член 110 од Уставот може да биде предмет на уставносудска оценка. Според означената уставна одредба, Уставниот суд е надлежен да одлучува за уставноста на законите и за уставноста и законитоста на прописите и општите акти кога тие ќе бидат донесени од надлежните органи, а не и во фазата на нивното подготвување.
5. Во врска со барањето на подносителот на иницијативата за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорениот акт, Судот оцени дека не се исполнети условите предвидени во член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за изрекување на времена мерка.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply