Решение У.бр.188/1992

У.бр.188/1992

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 септември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градот Гостивар, донесена од Собранието на Општината Гостивар во 1988 година, во делот што се однесува на КП бр.2365.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Лазе Јовановски од Гостивар му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што земјиштето на КП бр.2365, кое било во општествена сопственост и служело како пристапна патека на објектите кои се наоѓале на КП бр.2367/3 и КП бр.2340/2, било доделено како дворно место за дооформување на плацот на КП бр.2340/2, а за одржувањето на јавниот увид и јавната расправа граѓанинот не бил известен ниту писмено, ниту усмено, што не било во согласност со закон.

3. На седницата Судот утврди дека за донесување на Деталниот урбанистички план односно за одржување на јавниот увид и расправа граѓаните на Гостивар биле известени преку радио Гостивар, и дека планот бил изложен на јавен увид во Домот на културата во Гостивар. Јавната расправа била одржана во месните заедници “Саат Маало”, “Ново Маало” и Џамџи Маало” на 3 февруари 1988 година, во месните заедници “Мара Угринова”, “Македонско Маало” и “Бег Маало” на 5 февруари 1988 година и во месните заедници “Дутлок” и “Леска” на 10 февруари 1988 година.

4. Според член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 19/89 и 38/90), просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат во фаза на нацрт план на јавна расправа. Притоа, во законот не е предвидена обврска граѓаните да бидат поединечно известувани за одржувањето на јавната расправа, туку начинотна известувањето на граѓаните се утврдува со акт на општината.

Со оглед на тоа што оспорената одлука во фазата на нацрт била ставена на јавна расправа, а за одржување на исттата граѓаните биле известени преку Радио-Гостивар, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означената законска одредба.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply