183/1993-0-0

183/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 септември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за преиспитување на Решението на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.119/93, донесено на седницата одржана на 4 јули 1993 година.
2. Татјана Камчевска од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за преиспитување на решението У.бр.119/93, што Уставниот суд на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 4 јули 1993 година. Според наводите од барањето, при одлучувањето Судот неправилно ги протолкувал одредбите на членовите 7, 8, 9 и 13 од Законот за основните права од работниот однос, од што произлегувало и неправилното одлучување за законитоста на оспорениот член 231 став 4 од Статутот на Електротехничкиот факултет во Скопје.
3. Разгледувајќи го барањето, како и оспореното решение, Судот повторно расправаше за спорните правни прашања и утврди дека според член 2 став 1 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр. 60/89 и 47/90), работниот однос се уредува со закон, колективен договор и со општи акти на организацијата. Понатаму, согласно член 7 и член 8 став 3 од Законот, со закон и со општ акт се утврдуваат посебните услови за засновање работен однос односно посебните услови потребни за вршење на работите на работното место. Со членовите 9 и 13 од Законот на посебен начин е регулиран начинот за засновање работен однос на работно место работоводен орган. Притоа, е определено дека организацијата има обврска во конкурсот за избор на ова работно место да го назначи и времето за кое се врши изборот и дека по истекот на времето за кое е избран, работоводниот орган што нема да биде повторно избран се распоредува на друго работно место што одговара на неговиот степен на стручна подготовка.
Разгледувајќи ги наведените законски одредби, Судот оцени дека нема основи за поинакво одлучување, затоа што од нив произлегува дека е право на организациите со свои акти да ги утврдуваат посебните услови за засновање работен однос на определени работни места. Понатаму, меѓу посебните услови за вршење на работите на одделни работни места, со законот односно со општиот акт, без да се доведуваат во прашање основните права од работниот однос, како посебен услов за вршење на работите, односно како специфичност на определени работни места, може да биде предвидено изборот да се врши за определено време, како и да се определат работните мста на кои ќе се изврши изборот на таков начин.
Околноста што со последните измени на Законот се изоставени одредбите што предвидуваа избор на определено време, покрај за работоводниот орган, и за работниците со посебни овластувања, не значи забрана со општите акти на претпријатијата, во рамките на утврдувањето на посебните услови, да се предвиди на определени работни места работниците да бидат избирани на определено време, како посебен услов за засновање на работниот однос, чие траење не е определено.
Со оглед на изнесеното, Судот не најде основи за поинакво одлучување, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply