71/1993-0-0

71/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 72 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 септември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 84 став 3 од Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување (“Службен лист на СФРЈ” бр.23/82, 77/82, 75/85, 8/87, 65/87, 87/89 и44/90).
2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување уставноста на примената на Законот за измени и дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/89).
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Дочка Меновиќ од Скопје и група пензионери од село Бардовци, Скопје, му поднесоа иницијатива за оценување уставноста на законската одредба означена во точката 1 од ова решение, односно за примена на Законот означен во точката 2 од ова решение, затоа што правата од пензиското и инвалидското осигурување се стекнувале со денот на исполнување на условите за пензија, а пензиите се исплатувале наназад за месецот на кој се однесува, што не било во согласност со уставната гаранција за социјална сигурност и социјално осигурување. Понатаму, Законот за измени и дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигурување бил различно применуван врз пензионерите што со земјоделска пензија се стекнале во период од 1985 до 1993 година и оние што со тоа право се стекнале во 1993 година и затоа што на ист пензиски стаж им се пресметани различни пензиски основици, со што пензионерите се доведувале во нееднаква положба.
4. На седницата Судот утврди дека според член 84 став 1 од Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување е утврдено дека правата од пензиското и инвалидското осигурување се стекнуваат и втасуваат со денот на исполнувањето на условите, а според ставот 3, пензијата и другите парични надоместоци се утврдуваат со месечен износ и се исплатуваат наназад.
Понатаму, Судот утврди дека со оспорениот Закон за измени и дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигурување се утврдува пензиско и инвалидско осигурување и за индивидуалните земјоделци како за осигуреници и се утврдени условите за здобивање и утврдување на правата. Според член 151-а од Законот за пензиското и инвалидско осигурување, изменет 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/92), е утврдено дека на корисниците на минимална старосна и семејна пензија кои правото на пензија го оствариле според Законот за старосното осигурување на земјоделците (“Службен весник на СРМ” бр.15/78 и 27/86) им се признава пензија во износ од 50% од најнискиот износ на старосната пензија според Законот. Судот, понатаму, утврди дека за секоја година, врз основа на овластувањето од член 110-а од Законот, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија донесува одлука за основиците на осигурување за пресметување и плаќање на придонесот и за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување на индивидуалните земјоделци.
5. Според член 34 од Уставот на Република Македонија, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување со Уставот не се утврдени видовите права што произлегуваат од него, ниту условите за стекнување на правото на пензија, како едно од правата од социјално осигурување, ниту, пак, начинот на исплата на пензиите, туку е препуштено тие прашања да се уредуваат со закон.
Поради тоа, Судот смета дека во рамките на уставното овластување за уредување на правата од социјалното осигурување, со закон може да се утврди и начинот на исплата на пензиите, како едно од тие права, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 84 став 3 од Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување со наведените уставни одредби.
6. Според член 9 став 3 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законот се еднакви.
Судот утврди дека режимот на пензиското и инвалидското осигурување на индивидуалните земјоделци, во периодот кој се наведува во иницијативата, е менуван повеќе пати, како резултат на што постојат определени разлики во условите, начинот на стекнувањето и висината на пензиските основици и пензиите на индивидуалните земјоделци кои го оствариле правото на пензија во време на важењето на различните режими на пензиско и инвалидско осигурување на земјоделците.
Според мислењето на Судот, уставното начело на еднаквост не ја исклучува можноста во различно време да постојат различни режими за стекнување на определени права, туку се однесува на правната положба на граѓаните во рамките на еден ист режим. Поради тоа, Судот оцени дека не е во несогласност со уставното начело на еднаквост постоењето на различни режими на пензиско и инвалидско осигурување на индивидуалните земјоделци во различни временски периоди. За прашањето, пак, кој режим на осигурување требало да се примени на определена категорија на осигуреници во определено време, Судот, согласно со член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Радичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply