Решение У.бр.127/1993

У.бр.127/1993

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонја (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 септември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на правото на штрајк, поднесено од група работници од Јавното претпријатие “Комуналец” во Битола.

2. Според наводите од барањето на подносителите им била повредена слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, со тоа што им била изречена дисциплинска мерка престанување на работниот однос поради учество во организираниот штрајк во претпријатието од 17 септември до 8 декември1992 година.

3. Јавното претпријатие “Комуналец” од Битола во својот одговор наведе дека во случајот на прекин на работата, кој бил повод за поведување на дисциплинска постапка не се работи за легален штрајк организиран согласно Законот за штрајк, туку за самоволно прекинување на работата од страна на група работници и дека во таков случај не се исполнети условите од Законот кои се однесуваат за заштита на работниците во штрајк.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Со член 38 став 1 од Уставот се гарантира правото на штрајк.

Од наведените уставни одредби произлегува дека правото на штрајк гарантирано со Уставот е посебно право, различно од слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, поради што надлежноста на Уставниот суд за заштита на основните слободи и права, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, не ја опфаќа непосредната заштита на ова право, ниту заштитата од последиците од дисциплински карактер заради неговото користење.

Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Цивири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply