143/1993-0-0

143/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 септември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 4 и 7 од Правилникот за измени и дополнувања на Правилникот за решавање на станбените потреби на работниците во ЗИК “Пелагонија”, Битола, донесен од Работничкиот совет на 15 април 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Стевче Неделковски и други работници од Битола, му поднесоа иницијатива со барање за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 4 и 7 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што правилникот влегол во сила пред да биде објавен и што одделни стручни кадри по предлог на стручниот колегиум, по основ на резултатите и успехот во работењето, моќат да добијат зголемен број на бодови, што не било во согласност со Уставот и законот.
Со иницијативата се бара и преземање на времени мерки до донесување на конечна одлука на Судот.
3. На седницата Судот утврди дека според Правилникот за станбени односи сите работници се вреднуваат по основите станбена состојба, работен придонес, работен стаж, семејна состојба, здравствена состојба и материјална состојба, а според член 4 од Правилникот е определен кругот на работници на кои можат да им се определат бодови и по основ на резултати и успех во работата.
4. Според член 42 и 42-а од Законот за станбени односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73,14/75,27/86,1/90 и 11/91) и член 52 од Законот за основните права од работниот однос, со општ акт на организацијата се утврдуваат условите и начинот односно основите и мерилата за користење на средствата за заедничка потрошувачка по основ на распределба според трудот и солидарноста.
Од изнесеното произлегува дека е право на претпријатието со општ акт да ги утврди условите и начинот за учество на работниците во распределба на средствата за заедничка потрошувачка, а во тие рамки да предвидува и основи и мерила за вреднување на трудот на работниците кои се од посебно значење на организацијата, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со означените законски одредби.
5. Исто така, Судот утврди дека во членот 7 е предвидено Правилникот да влезе во сила со денот на усвојувањето, но дека е објавен на соодветен начин во претпријатието.
Според член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 4 од истиот член законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случај кога тоа е поповолно за граѓаните.
Со оглед на тоа што правилникот е објавен на начин утврден во претпријатието, Судот оцени дека тој до денот на објавувањето не можел да се применува независно од содржината на оспорениот член 7.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Во врска со барањето за донесување на решение за запирање од извршување на поединечни акти и дејствија, донесени односно преземени врз основа на оспорените членови, Судот утврди дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитри Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply