Одлука У.бр.75/1992

У.бр.75/1992-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 септември 1993 година, донесе

О Д Л У К А

1, СЕ УКИНУВА Основниот урбанистички план на Охрид, донесен од Собранието на Општината на 10 јануари 1990 година, во делот што се однесува на просторот во месноста Бејбунар-2, на кој е предвидена изградба на трафостаница со јачина од 110/10кв.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Охрид”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Трајче Јолески, како полномошник на повеќе граѓани од Охрид, со решение У.бр.75/92 од 9 јуни 1993 година, поведе постапка за оценување законитоста на делот од планот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.

4. На седницата, Судот утврди дека по нацртот на Основниот урбанистички план е водена јавна расправа, а по забелешките од јавната расправа, поднесени во вид на амандмани од група делегати, Собранието на Општината донело заклучоци за промена на намената на просторот во месноста Бејбунар-2, од зелена површина во зона за становање. Меѓутоа, во графичкиот приказ на Основниот урбанистички план, што Собранието на Општината Охрид го усвоило со одлуката донесена на 10 јануари 1990 година, не се внесени прифатените измени, така што постои неусогласеност на текстуалниот и графичкиот приказ на Основниот урбанистички план. Имено, во текстуалниот дел е предвидена зона за становање, а во графичкиот приказ – зелена површина, а трафостаницата што е внесена во Основниот план за инфраструктура не е означена во Основниот урбанистички план.

5. Според член 19-а од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 38/90), урбанистичкиот план содржи особено: резиме за оценетите потреби и можности на просторниот развој; намена и фуникционална организација на подрачјето опфатено со планот, со граници на опфатот на планот; сообраќајно решение; комунална и друга инфраструктура; биланси и услови за изградба на станбени, стопански, општествени и спортско-рекреативни објекти и зелени површини; мерки за одбрана и заштита и спасување од воени разрушувања; одредби за спроведување на планот и графички прилози.

Според член 31 од Законот, просторниот и урбанистичкиот план се изработуваат во две фази-нацрт на план и предлог на план. Нацртот на просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат на јавна расправа. Јавната расправа ја спроведува органот надлежен за работите на урбанизмот, со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до надлежниот орган во писмена форма, во рок од 15 дена по завршувањето на јавната расправа.

Од изнесените законски одредби произлегува дека основниот урбанистички план треба да ја содржи и комуналната и друга инфраструктура во која влегува и енергетиката, дека графичкиот приказ е задолжителен дел на урбанистичкиот план, дека по нацртот на планот се води јавна расправа, по кој граѓаните и сите заинтересирани субјекти ги доставуваат своите забелешки до органот надлежен за работите на урбанизмот.

Со оглед на тоа што при донесување на одлуката за усвојување на Основниот урбанистички план Собранието на Општината ги прифатило поднесените амандмани по нацртот на планот, но усвоените измени не биле вградени во графичкиот приказ на Основниот урбанистички план, Судот оцени дека Основниот урбанистички план, во делот што се однесува на просторот во месноста Бејбунар-2, на кој е предвидена изградба на трафостаница, не е во согласност со закон и одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply