153/1993-0-0

153/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јули 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување законитоста на актот бр. 122-21594/93 упатен од Министерот за внатрешни работи до Факултетот за безбедност и општествена самозаштита во Скопје за мирување на уписот на студенти во прва година во учебната 1993/94 година на овој факултет.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Факултетот за безбедност и општествена самозаштита во Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение, затоа што не бил во согласност со член 29 од Законот за Центарот за образование на кадри за безбедност и општествена самозаштит, со кој министерот за внатрешни работи бил овластен да го определува само бројот на редовните и вонредните студенти што ќе се запишат на овој факултет, а не и да одлучува за тоа дали ќе се врши или не упис на студенти.
Воедно, се бара Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорениот акт.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот акт е допис испратен од Министерот за внатрешни работи до Факултетот за безбедност и општествена самозаштита, како одговор на барањето на факултетот за определување бројот на студентите, при што, министерот го известува Факултетот дека за учебната 1993/94 година ќе мирува уписот на студенти на прва година, заради разрешување на статусот на Факултетот.
Тргнувајќи од формата и содржината на оспорениот акт, Судот оцени дека тој не претставува ниту еден од видовите на општи акти што според член 160 од Законот за органите на управата е овластен да ги донесува функционерот кој раководи со органот на управата, поради што не може да има карактер на пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува законитоста на оспорениот акт и да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија преземени врз негова основа, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply