Решение У.бр.138/1993

У.бр.138/1993

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на14 јули 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на правото на одговор во средствата за јавно информирање поднесено од Тодор Петров од Гевгелија.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Тодор Петров од Гевгелија му поднесе барање за заштита на правото на одговор во средствата за јавно информирање, затоа што во весникот “Нова Македонија” не биле објавени неговите одговори на определени написи печатени во овие весници, со што било повредено уставното право на одговор предвидено во член 16 став 4 од Уставот на Република Македонија.

3. Разгледувајќи го барањето, Судот на седницата утврди дека според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Со оглед на тоа што барањето на подносителот не се однесува на заштита на овие уставни права и слободи, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по него, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply