Одлука У.бр.139/1993

У.бр.139/1993

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 јули 1993 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањетона Буџевски Станое од Битола за заштита на слободата на уверувањето и мислата, гарантирани со Уставот на Република Македонија.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Буџевски Станое од Битола му поднесе барање за заштита на слободата на уверувањето и мислата, повредени со Решението бр. 04-1872 за престанок на работниот однос, донесено од директорот на А.Д. Трикотажа “Пелистер” во Битола, на 27 август 1991 година.

3. Судот на седницата утврди дека со означеното решение на подносителот му престанал работниот однос, со образложение дека неоправдано отсуствувал непрекинато пет работни дена.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата, политичкото здружување и делување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Остварувањето на слободата на уверувањето и мислата значи искажување на определувањето на човекот во одделни сфери на живото, во зависност од неговиот интерес и неговиот однос кон настаните, односно и појавите во општеството и одделните области на општествениот живот и за одделни прашања и постапувања, а искажаното определување и уверување е израз на мислата на човекот врз основа на неговите лични сознанија и созреаниот мисловен процес.

Според мислењето на Судот, во конкретниот случај не станува збор за повреда на слободата на мислата и уверувањето, туку за повреда на право од работен однос, за чија заштита одлучуваат органите во претпријатието и надлежниот суд.

Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply