43/1993-0-0

43/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 мај 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на деловите 3, 4 и 5 од Правилникот за заедничките критериуми и мерила за решавање на станбените потреби на работниците во Општинскиот суд во Титов Велес, донесен од претседателот на Судот на 1 октомври 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Демо Кадриев од Титов Велес му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на деловите од Правилникот означени во точката 1 од ова решение, затоа што не биле правилно утврдени бодовите по основите и дополнителните критериуми, што по основот работен придонес биле предвидени дополнителни бодови за работни задачи поврзани со дежурство, што во основот материјална состојба било предвидено надоместокот остварен од дежурство да не се засметува, што по критериумот здравствена состојба начинот на докажувањето не бил правилно утврден, што не било во согласност со Уставот, со закон и со Општествениот договор.
3. На седницата Судот утврди дека во делот 3 од Правилникот се предвидени основите и мерилата за определување редот на првенство за доделување стан. Како основни критериуми се предвидени степенот на станбена загрозеност, работниот придонес и пензискиот стаж, а како дополнително-материјалната и здравствената состојба и бројот на членовите на семејството. Во деловите 4 и 5 од Правилникот, основните и дополнителните критериуми се разработени по подоснови.
4. Според член 42 од Законот за станбени односи и член 52 од Законот за основните права од работниот однос, со општ акт на организацијата се утврдуваат основите и мерилата за користење на средствата за заедничка потрошувачка по основ на распределба според трудот и солидарноста, а согласно членовите 160, 175 и 224 од Законот за органите на управата (“Службен весник на СРМ” бр.40/90) одлуките за начинот на распределба на средствата на органот на управата и нивното користење ги донесува функционерот кој раководи со органот на управата. Согласно член 229 од овој закон одредбите што се однесуваат на средствата за лични доходи и заедничка потрошувачка се применуваат и на судовите.
Од изнесените одредби произлегува дека право е на функционерот кој раководи со органот на управата односно на претседателот на Судот да ги уредува распределбата и користењето на средства, а во тие рамки да ги утврди и критериумите и мерилата за решавање на станбените прашања на работниците, почитувајќи ги трудот и солидарноста.
Со оглед на тоа што во оспорените делови од Правилникот се предвидени основите и мерилата за утврдување редот на првенство за добивање стан според трудот и солидарноста, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со означените одредби од законот.
Што се однесува до наводот од иницијативата дека Правилникот не е во согласност со Општествениот договор за критериумите и мерилата за решавање на станбените потреби на работниците, согласно член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на општите акти.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply