Решение У.бр.240/1992

У.бр.240/1992

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 април 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за воведување местен самопридонес во Општината Делчево, донесена од Собранието на Општината на 24 декември 1992 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Софран Георгиевски од Делчево му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што општината не е надлежна да воведува самопридонес и што не била спроведена пропишаната постапка за воведување самопридонес и што не била направена финансиска конструкција за намената на средствата од самопридонесот што се собираат, што не било во согласност со Уставот и со закон.

3. На седницата Судот утврди дека Собранието на Општината Делчево на седницата од 26 јуни 1992 година утврдило иницијатива за воведување местен самопридонес во општината Делчево за периодот од 1993 до 1997 година и нацрт-програма за изградба на објекти што ќе се финансираат од самопридонесот. Оваа нацрт-програма била разгледана во 26 месни заедници и била прифатена од граѓаните со определени забелешки.

Судот, понатаму утврди дека Собранието на Општината Делчево на седницата одржана на 6 ноември 1992 година донело одлука за распишување на референдум за воведување на местен самопридонес, кој е спроведен на 29 ноември 1992 година. Со одлуката е определено времетраењето на обврската за плаќање самопридонес, утврдена е намената на средствата на самопридонесот, вкупниот износ на средствата и органот кој ќе се грижи за реализација на предвидените задачи.

На референдумот од вкупно запишаните 17.360 граѓани гласале 12.200 или 70,27%, од кои 10.575 или 60,91% гласале “за”, 1.494 или 12,24% – против и 131 или 0,10% неважечки ливчиња.

Врз основа на резултатите од референдумот, Собранието на Општина Делчево на 24 февруари донело Одлука за воведување на самопридонес.

4. Според член 114 став 4 од Уставот на Република Македонија, општината се финансира од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства на Републиката, а според член 115 став 1 од Уставот во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитание, основното образование, основната здравствена заштита и во други области утврдени со закон.

Според член 14 став 4 и 5 од Законот за општите начела на самопридонесот (“Службен весник на СРМ” бр.27/78), иницијатива за воведување самопридонес во општината како целина може да покрене собранието на општината, па ако таа биде прифатена од собирите на работните луѓе и граѓаните во месните заедници собранието на општината донесува акт за распишување на референдум за воведување на самопридонесот.

Согласно член 17 став 1 од Законот, самопридонесот се смета за воведен ако за него на референдум се изјаснат повеќе од половината од работните луѓе и граѓаните запишани во избирачкиот список на подрачјето за кое се воведува самопридонесот. Според член 18 став 1 од Законот, ако работните луѓе и граѓаните се изјаснат за воведување на самопридонес, собранието на општината донесува акт за воведување на самопридонесот.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека општината може да воведе самопридонес за финансирање на потребите од локално значење.

Со оглед на тоа што оспорената одлука е донесена во постапка пропишана со закон, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означените уставни и законски одредби, поради што одлучи како во точка 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply