Решение У.бр.203/1992

У.бр.203/1992

Уставниотсуд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 11 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 април 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на точката 5 од Програмата за правата на работниците за чија работа престанала потребата поради технолошки и други унапредувања (технолошки вишок), донесена од Советот на Градежниот училишен центар “Здравко Цветковски” во Скопје, на 7 јули 1992 година.

2. На Уставниот суд на Република македонија, Лепосава Поповиќ и Злата Константинов, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одредбата од точката 5 на Програмата означена во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувала, при исполнување на исти услови, како технолошки вишок да се прогласи оној работник кој исполнил еден од условите за пензија без да се определи видот на пензијата, што не било во согласност со закон.

3. На седницата Судот утврди дека според точката 5 од Програмата доколку се најдат двајца или повеќе работници од исти предмет (или група стручни предмети по ист норматив) каде за едно или повеќе работни места престанува потребата, за вишок се прогласува работникот кој исполнил еден од условите за пензија, или, пак, со договор со Министерството за образование може да му се докупи стаж за исполнување на еден од условите за пензија.

Исто така, Судот утврди дека за време на привременото неангажирање овие работници примаат паричен надоместок на име личен доход, без право на надоместок по основ на превоз и исхрана.

Согласно член 32 точка 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според членовите 1, 2 и 23 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89 и 42/90), под работен однос се подразбира доброволен однос меѓу работникот и организацијата, заради вршење на определени работи и економски целесообразно и одговорно користење на средствата и остварување на правата и обврските што се стекнуваат со работа и по основ на работа, а правата, обврските и одговорностите на работниците од работниот однос се уредуваат со закон, со колективен договор и со општ акт на организацијата.

Согласно член 34 од Законот за работните односи (“Службен весник на СРМ” бр.20/90), на работникот му е загарантиран личен доход во износ од 50% од просечниот месечен личен доход во стопанството на Републиката.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека организациите се самостојни во нормативното уредување на правата и обврските од работниот однос, при што се должни да го обезбедат остварувањето на со Уставот и со закон утврдените основни права на работниците.

Со оглед на тоа што со оспорената Програма се уредува положбата на работниците во услови на технолошки, организациони и концепциски промени на организацијата, при што не се доведуваат во прашање основните права на работниците кои произлегуваат од работниот однос, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.

Што се однесува до наводот во иницијативата дека во Програмата не е прецизиран видот на пензијата, Судот оцени дека тоа не е прашање што ја чини незаконита, затоа што видовите и условите за стекнување на пензијата се утврдени со законите за пензиското и инвалидското осигурување.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply