Решение У.бр.244/1992

У.бр.244/1992

ДУставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 април 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Образецот БКС-барање за купување стан, донесен од републичкото министерство за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Самоил Ламевски од Ресен му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него било предвидено лицето кое поднесува барање за купување стан да приложи изјава, заверена во суд, дека не поседува друг општествен стан, стан или куќа во сопственост, во местото на живеење, што не било во согласност со Законот за продажба на становите во општествена сопственост и со Уредбата за критериумите и начинот на утврдување на продажната цена на становите во општествена сопственост.

3. На седницата Судот утврди дека во образецот БКС-1 е предвидено внесување лични податоци за подносителот на барањето за купување стан и податоци за станот што се купува. Во делот на образецот што се однесува на потребната документација, што ја доставува лицето што бара да го купи станот, покрај другите документи е означена и изјава, заверена во суд, дека носителот на станарското право или член на неговото семејство во местото на живеење нема друг стан.

4. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по неа, затоа што образецот нема карактер на пропис или општ акт во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply