Решение У.бр.222/1992

У.бр.222/1992

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 април 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за измени и дополнувања на Правилникот за заедничките основи и мерила за распределба на средствата за лични доходи на работниците на Централното основно училиште “Даме Груев” во с. Смилево, донесена од собирот на работните луѓе на 3 февруари 1992 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Нечовски Горан од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на оспорената одлука означена во точка 1 од ова решение, затоа што била донесена од собирот на работниците, а не со референдум и што била донесена од собирот на работниците, а не со референдум и што со неа на подносителот му бил намален личниот доход што не било во согласност со Уставот и закон.

3. На седницата Судот утврди дека со Уставот и Законот за предучилишно и основно воспитание и образование (“Службен весник на СРМ” бр.19/83, 29/89, 25/90,11/91 и 40/91), не се утврдени начинот и постапката за донесување на општите акти на основните училишта, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот и Законот.

4. Исто така, Судот утврди дека со оспорената одлука се врши измена на член 2 од Правилникот за распределба на средствата за лични доходи, односно се врши измена на основот сложеност, кој е различен за учител, наставник и професор.

5. Според став 1 на член 120 од Законот за предучилишно и основно воспитание и образование воспитно-образовната дејност во основното воспитание и образование ја остваруваат наставници по одделенска настава (учители), наставници по предметна настава и други стручни работници. Според ставот 2 на овој член, учители можат да бидат лица кои завршиле педагошка академија-отсек одделенска настава, а според став 3, наставници по предметна настава можат да бидат лица кои завршиле соодветна еднопредметна или двопредметна група за образование на наставници на факултет, висока школа, ликовна академија и музичка академија. Исто така, во овој член од Законот е дадена можност учители во основните училишта да можат да бидат и лица што завршиле филозофски факултет, педагошка група, а наставници по предметна настава и лица кои завршиле соодветна група на педагошка академија или соодветна виша школа. По исклучок, учител може да биде и лице со завршена учителска школа, под условите предвидени во членовите 273 и 274 од овој Закон.

Од означените законски одредби произлегува дека основниот услов за изведување на одделенска настава е педагошка академија-отсек одделенска настава, а за предметна настава соодветна висока стручна подготовка. Другите видови и степени на стручна подготовка се предвидени само како можност односно како исклучок. Според тоа и при утврдувањето на личниот доход на учителите кои го немаат предвидениот степен на стручна подготовка може да се намали личниот доход по основот сложеност, во кој е содржана и стручната подготовка, како нејзин основен елемент.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со означените законски одредби.

6. Во врска со наводот во иницијативата дека на подносителот му е намален личниот доход, поради намален обем на работа тоа е фактичко прашање, за што, Уставниот суд на Република Македонија, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.

7. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply