Одлука У.бр.268/1992

У.бр.268/1992-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија бр.70/92), по јавната расправа на седницата одржана на 1 април 1993 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 7, во делот што се однесува на определувањето на структурата на Републичкиот судски совет, член 28 став 2 и членовите 29 и 31 од Законот на Републичкиот судски совет (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/91).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.268/92 донесено на седницата од 13 јануари 1993 година, по иницијатива на Дочка Меновиќ од Скопје, поведе постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од законот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. На јавната расправа претставниците на Собранието и на Владата на Република Македонија во врска со член 7 од Законот изнесоа мислење дека Собранието на Република Македонија како уставно овластен орган да ги избира членовите на Републичкиот судски совет може да определи критериуми за нивен избор, односно дека нема уставно ограничување со закон поблиску да се определат критериумите врз основа на кои ќе се избираат членовите на Републичкиот судски совет, заради остварување на уставната определба за самостојно и независно судство.

Во врска со овој член од Законот на јавната расправа беше изнесено и мислење дека Уставот ги утврдил составот и надлежностите на Републичкиот судски совет и не дал можност со закон да се доуредуваат овие прашања, така што овластените предлагачи, а посебно Собранието како овластен орган за избор на членовите на Републичкиот судски совет, ова свое овластување може да го врши непосредно врз основа на Уставот.

Во врска со прашањето за начинот и постапката за одлучување за дисциплинската одговорност на судиите, односно за органите што одлучуваат за ова прашање беа изнесени две спротивни мислења.

Според првото мислење, со оспорените одредби од Законот не се субституира надлежноста на Републичкиот судски совет да одлучува за дисциплинската одговорност на судиите, туку со нив поблиску се определува постапката и методот по кој Републичкиот судски совет ќе ја извршува оваа своја функција и дека Комисијата конечно не одлучува за одговорноста на судиите, туку таа само ја утврдува фактичката состојба, а конечна одлука донесува Републичкиот судски совет.

Исто така, беше изнесено мислење дека Републичкиот судски совет врши јавни овластувања определени со Уставот и притоа не може да се ослободи од обврската во постапката за утврдување на дисциплинската одговорност на судиите да го почитува Уставот и законите, а доколку не ги почитува мора да се обезбеди судска заштита, особено заштита на законитоста.

Според второто мислење, за дисциплинската одговорност на судиите со Уставот е овластен да одлучува само републичкиот судски совет, како посебен орган востановен со Уставот со точно определени права и обврски во обезбедувањето на правилното функционирање на судската власт. Со оглед на тоа, одлуките на Републичкиот судски совет, според Уставот, не можат да се третираат како одлуки на орган на државната управа по кои би можело да се води управен спор.

5. Судот на јавната расправа и на седницата утврди дека во член 7 од Законот е определено Републичкиот судски совет да го сочинуваат седум членови, што ги избира Собранието на Република Македонија, од редот на истакнати правници, од кои четворица од редот на судиите и тројна членови од другите институции и дејности.

Согласно член 104 од Уставот на Република Македонија, Републичкиот судски совет го сочинуваат седум членови што ги избира Собранието од редот на истакнати правници за време од шест години, со право на уште еден избор.

Од изнесеното произлегува дека Уставот како единствен услов за избор на членови на Републичкиот судски совет утврдил тие да бидат истакнати правници, поради што Судот смета дека со закон не може да се утврдуваат други услови, вклучувајќи ја и професионалната припадност односно функцијата што ја вршат или дејноста во која работат.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека означениот дел на член 7 од Законот не е во согласност со член 104 став 3 од Уставот.

Означената одредба од Законот, исто така, не е во согласност со член 84 алинеја 5 од Уставот, според кој Претседателот на Републиката е овластен непосредно врз основа на Уставот да предлага двајца членови на Републичкиот судски совет од редот на истакнатите правници.

6. Понатаму, Судот утврди дека според член 23 од Законот, Советот поведува постапка за утврдување на дисциплинската одговорност на судија кога постои основано сомнение дека судијата извршил потешка дисциплинска повреда, пропишана со закон, што го прави недостоен за вршење на судиската функција. Советот одлучува за дисциплинската одговорност на судиите врз основа на состојбата што ќе ја утврди Комисијата за утврдување на дисциплинската одговорност, која, според член 24 од Законот, е составена од тројна членови на Советот, што ги избира Советот.

Согласно член 28 став 1 од Законот, Комисијата го распрашува судијата, ги прибавува потребнмите списи, прави увид и спроведува други извидувања заради утврдување на фактите и околностите во врска со дисциплинската одговорност на судијата. Според став 2 на овој член од Законот, по спроведената постапка, Комисијата утврдува дека судијата извршил потешка дисциплинска повреда, што го прави недостоен за вршење на судиската функција, или ја запира постапката.

Во член 29 од Законот е предвидена можност против одлуката на Комисијата за утврдување на дисциплинската одговорност, судијата и подносителот на предлогот за поведување на постапка, да најават жалба до Советот, во рок од осум дена по приемот на одлуката.

Од изнесените законски одредби произлегува дека, Комисијата не само што ги спроведува претходните дејствија, туку и одлучува за дисциплинската одговорност на судијата во прв степен.

Според член 105 алинеја 2 од Уставот, за дисциплинската одговорност на судиите одлучува Републичкиот судски совет, од што произлегува дека за дисциплинската одговорност на судиите е овластен да одлучува само Републичкиот судски совет, а не и помошни тела на Советот, кои во претходната постапка можат да подготват материјали и предлози за одлучување Советот.

Со оглед на тоа, Судот оцени дека нема уставен основ со закон да се утврди за дисциплинската одговорност на судиите да одлучува и помошно тело на Советот, односно дека оспорените членови од Законот не се во согласност со член 105 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија.

7. Според член 31 од Законот, против одлуката на Советот, со која се утврдува дисциплинската одговорност на судијата, судијата може да побара заштита пред Врховниот суд на Република Македонија, за што се одлучува во постапка за управни спорови.

Според член 99 став 3 алинеја 5 и член 68 алинеја 15 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги разрешува судиите, покрај другото, и доколку Републичкиот судски совет утврди дека е сторена потешка дисциплинска повреда пропишана со закон, што судијата го прави недостоен за вршење на судската функција.

Од изнесените уставни одредби, како и од член 105 алинеја 2 од Уставот, според мислењето на Судот, произлегува дека Уставот изворно ги утврдил овластувањата на Републичкиот судски совет и Собранието на Републиката во однос на разрешувањето на судиите поради потешка дисциплинска повреда, што судијата го прави недостоен за вршење на судската функција, што значи дека одлуките што ги донесува Републичкиот судски совет се конечни и на нив не се однесува член 50 став 2 од Уставот.

Со оглед на изнесеното, Судот утврди дека не постои уставен основ со закон да се востанови надлежност на Врховниот суд на Република Македонија во постапка за управни спорови да одлучува за дисциплинската одговорност на судиите, поради што оцени дека член 31 од Законот не е во согласност со означените уставни одредби.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

9. Судот оваа одлука ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply