149/1992-0-0

149/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 март 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на членовите 27, 29 и 30 од Правилникот за измени и дополнувања на Правилникот за стручно оспособување и усовршување на Медицинскиот центар “Д-р Трифун Пановски” во Битола-ООЗТ “Медицински служби”, донесен од Советот на 23 ноември 1990 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Елеонора Адамовска и д-р Петар Стефановски од Битола, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на членовите 27, 29 и 30 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што се уште се употребува терминот основна организација на здружен труд, што Министерството за здравство не донело Програма за утврдување на критериумите за специјализација и субспецијализација, што кандидатите со над 35 годишна возраст биле ставени во нееднаква положба во однос на другите, што работниот стаж се вреднувал само до 7 години, што работното место според тежината на работи и работни задачи се вреднувало до 4 години и затоа што работниот придонес се вреднувал со одреден процент и се вреднувале само стручните, а не и научните трудови, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 27 од Правилникот се утврдени и вреднувани дополнителните критериуми за специјализација, како што се успехот за време на студирањето, работниот стаж, тежината на работното место, работниот придонес и возраста на кандидатите. Притоа, Судот утврди дека работниот стаж се вреднува најмногу до 7 години; тежината на работното место најмногу до 4 години; работниот придонес се вреднува со 2 бода и возраста на кандидатите се вреднува од 25 до 35 годишна возраст.
Понатаму, Судот утврди дека во членовите 29 и 30 е утврдена постапка за избор на кандидатите, како и тоа кој од кандидатите, при еднаков број на бодови, ќе има предност.
Исто така, Судот утврди дека Министерството за здравство има донесено Програма за потребите од специјалистички кадри во Републиката за 2-рото полугодие од 1992 година и за 1993 година. Во Програмата, врз основа на определени критериуми и барања на здравствените организации, се утврдени потребите од специјалистички кадри по општини во Републиката.
4. Според член 149 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91), здравствените работници и здравствените соработници можат да специјализираат ако имаат завршен приправнички стаж, положен стручен испит и една година работно искуство во струката по положувањето на стручниот испит. Според член 150 и 151 од Законот, Министерството за здравство утврдува критериуми и донесува програма за потребите од специјалистички и субспецијалистички кадри, а упатувањето на здравствените работници и здравствените соработници го врши здравствената организација по постапка и на начин утврден со општите акти на организацијата, во согласност со програмата на Министерството.
Од изнесените законски одредби произлегува дека Министерството за здравство донесува програма и утврдува општи критериуми што се однесуваат на здравствените организации во Републиката, а здравствените организации, пак, упатувањето на специјализација го вршат на начин и по постапка утврдена во општите акти што ги донесува во рамките на програмата и критериумите на Министерството за здравство.
Притоа, според мислењето на Судот, право е на здравствените организации да го утврди начинот и постапката за упатување на специјализација, односно според конкретните услови и потреби да утврди дополнителни критериуми за упатување на специјализација.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај здравствената организација, покрај основните критериуми утврдени со законот, утврдила и дополнителни критериуми за упатување на специјализација, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членовите 27, 29 и 30 од Правилникот со означените законски одредби.
5. Во врска со наводите во иницијативата за употребата на терминот основна организација на здружен труд, Судот смета дека прашањето не е од влијание за оценување законитоста на оспорените одредби од Правилникот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply