Решение У.бр.198/1991

У.бр.198/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 51, 70 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 3 декември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето за:

а) Оценување уставноста на:
– Основниот закон за прекршоците (“Службен лист на ФНРЈ” бр.107/47);
– Законот за прекршоците против јавниот ред и мир (“Службен весник на НРМ” бр.10/49);
– упатствата за спроведување и извршување на мерката општествено-поправителна работа според Законот за прекршоците против јавниот ред и мир;
– одлуките за формирање политички концентрациони логори; и
– одлуките за депортирање на семејствата од местото на живеење и определување принуден престој во друго место;

б) Заштита на основните слободи и права на граѓаните упатени во политичките концентрациони логори во периодот од 1948 до 1956 година.

2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Здружението “Голи Оток” од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на актите означени во точката 1 под а) на ова решение, затоа што со нив се овозможувало водење прекршочна постапка и казнување на граѓаните со многу потешки казни од казните предвидени за кривични дела, што не било во согласност со Уставот.

Со иницијативата се бара и заштита на основните слободи и права на граѓаните врз кои биле применети наведените прописи во периодот од 1948 до 1956 година.

4. На седницата Судот утврди дека оспорените закони и прописи престанале да важат и да се применуваат со влегувањето во сила на Законот за прекршоците со кои се повредуваат сојузните прописи (“Службен лист на СФРЈ” бр.4/77) односно на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир (“Службен весник на СРМ” бр.25/72).

Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, не постои правна основа Уставниот суд на Република Македонија да ја оценува уставноста на законите уставноста и законитоста на прописите и другите општи акти што престанале да важат пред поднесувањето на барањето за оцена на нивната уставност и законитост. И според член 419 од Уставот на СРМ, кој важеше во времето на поднесувањето на барањето, немаше уставна основа за оценување уставноста на законите и уставноста и законитоста на другите прописи и општи акти што престанале да важат ако од престанувањето на нивното важење до поднесувањето на барањето поминало повеќе од една година.

Со оглед на тоа што оспорените прописи престанале да важат пред поднесувањето на иницијативата за оценување на нивната уставност, Судот оцени дека нема процесни претпоставки за водење на постапката.

5. Разгледувајќи го барањето за заштита на основните слободи и права на граѓаните, Судот оцени дека во него се содржат елементи кои укажуваат на надлежноста на Судот за нивна заштита во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот. Меѓутоа, во конкретниот случај Судот не навлезе во остварувањето на оваа негова надлежност, затоа што, согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин може да бара заштита на основните слободи и права утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот во рок од 1 месеца од денот на доставувањето на правосилен или конечен поединечн акт, односно од дознавањето за дејствијата со кои се врши повреда на тие слободи и права, но не повеќе од 5 години од денот кога е сторена повредата.

Со оглед на тоа што од донесувањето на поединечните акти односно од преземањето на дејствијата со кои се сторени повредите на слобидите и правата на кои се укажува во барањето поминале повеќе од 5 години, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за нивна заштита пред Уставниот суд.

6. Имајќи го предвид општото историско и политичко значење на периодот во кој настанале повредите на слободите и правата на кои се укажува во барањето, Судот смета дека за одлучување по барањето и потребата од отстранување на последиците од наведените повреди и за утврдување на начинот на нивното отстранување е надлежно Собранието на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Leave a Reply