111/1992-0-0

111/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 112 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 18 ноември 1992 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 11 од Одлуката за висината на надоместокот за употреба на уредно градежно земјиште за 1992 година, донесена од Собранието на Општината Делчево на 28 февруари 1992 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Делчево”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.111/92 од 30 септември 1992 година, поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 52 став 1 и 4 од Уставот на Република Македонија.
4. На седницата Судот утврди дека Одлуката е донесена на 28 февруари 1992 година и дека во член 11 од Одлуката е предвидено таа да влезе во сила со денот на донесувањето, а да се применува од 1 јануари 1992 година. Исто така, Судот утврди дека во член 13 од Одлуката е предвидено таа да се објави во “Службен гласник на Општина Делчево” и дека Одлуката е објавена на 9 март 1992 година.
Според член 52 став 1 и 4 од Уставот прописите се објавуваат пред да влезат во сила и не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Со оглед на тоа што со член 11 од Одлуката се предвидува нејзино влегување во сила со денот на донесувањето, а не по објавувањето и да се применува пред влегувањето во сила, Судот оцени дека таа одредба од Одлуката не е во согласност со означените уставни одредби, поради што Одлуката не можела да се применува пред нејзиното објавување.
Врз основа на изнесеното, се одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

Leave a Reply