177/1992-0-0

177/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 11 ноември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Ценовникот на услугите во меѓународниот ПТТ сообраќај, во делот што се однесува на цената на полуавтоматски меѓународни телефонски разговори, донесен од Работничкиот совет на Претпријатието на 25 мај 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него покрај цената на основната услуга во полуавтоматскиот меѓународен разговор изразена во златни франци без додатно ангажирање на поштата, била содржана и цена на посредување во износ од 3,6 златни франци, која изнесувала 72% од цената на меѓународниот полуавтоматски разговор, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во оспорениот дел од Ценовникот се утврдени цените на услугите за разговори во автоматски и полуавтоматски меѓународен сообраќај. Во полуавтоматскиот сообраќај, покрај цената која се наплатува по минута разговор, се наплатува за секој разговор и цена на посредување во износ од 3,6 златни франци, односно 972 денари, без оглед на времетраењето на разговорот.,
4. Согласно член 15 од Законот за облигациони односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.29/87), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички закон, во склучување на договорите, договорните страни поаѓаат од начелото на еднаквост на заемните давања.
Според член 2 од Законот за системот на општествена контрола на цените (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89), кој согласно член 5 од означениот Уставен закон, се применува како републички закон, претпријатијата ги формираат цените слободно според условите на пазарот. Согласно член 3 од овој закон претпријатијата вршат дејност од областа на ПТТ сообраќајот ги формираат цените врз основа на заедничките критериуми што ги утврдуваат во своите заедници. Според член 2 од Законот за поштенските, телеграфските и телефонските услуги (“Службен лист на СФРЈ” бр.2/86), кој исто така, согласно член 5 од Уставниот закон, се применува како републички закон, ПТТ услугите се вршат врз основа на договор под условите определени со овој закон и со општите услови за вршење на ПТТ услуги, а согласно став 2 на овој член од Законот со општите услови се уредуваат единствените услови под кои ПТТ организациите ќе вршат определени видови ПТТ услуги и се утврдува постапката за остварување на меѓусебните права и обврски на ПТТ организациите и корисниците на ПТТ услуги во врска со вршењето односно користењето на ПТТ услугите, во согласност со овој закон и другите закони што се однесуваат на ПТТ сообраќајот.
Согласно член 152 точка 3 од Општите услови (“Службен весник на СРМ” бр.35/88) во полуавтоматскиот телефонски сообраќај ПТТ работник на појдовната централа со избирање му воспоставува врска на повикувачот на повиканиот телефонски број. Воспоставувањето на врската може да биде веднаш по приемот на пријавата за разговор, односно директно или со чекање односно дополнително. При директното воспоставување на врската, ПТТ работникот не прекинувајќи ја врската со повикувачот, кој пријавува разговор, веднаш воспоставува врска со повикувачот, а при дополнително воспоставување на врска ПТТ работникот по приемот на пријавувањето на разговорот ја прекинува врската со повикувачот, а врска за разговор воспоставува дополнително, избирајќи го вројот на повиканиот и повикувачот.
Од изнесените законски одредби произлегува дека ПТТ претпријатијата ги утврдуваат цените на ПТТ услугите, поради што, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од ценовникот со означените одредби од Законот. Дали пак, висината на надоместокот што се утврдува соодветставува на услугите што ги дава ПТТ организацијата е фактичко прашање, за кое, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Судот не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Leave a Reply