Решение У.бр.212/1992

У.бр.212/1992

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и член 12 став 1 алинеја 1 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 4 ноември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Чанев Младен од Гевгелија за заштита на основните права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот.

2. Според наводите во барањето, со Решение бр.08-111 донесено од Министерството за внатрешни работи-управа за внатрешни работи Гевгелија од 24 август 1992 година, се повредувале уставно гарантираните права на еднаквост на граѓаните, на сигурност и тајност на личните податоци, правото на граѓанинот да биде запознаен со своите слободи и права и за нивното унапредување и заштита и забраната на дискриминацијата, како и член 218 од Законот за општата управна постапка и член 9 став 2 од Законот за набавување, поседување и носење оружје.

3. На седницата Судот утврди дека со наведеното решение се одбива барањето на подносителот за набавување пиштол, со образложение дека лицето нема оправдана причина да набавува и да носи такво оружје.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и делување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување и економската и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Со член 18 од Уставот се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци, како и заштита од повреда на личниот интегритет што проилегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците. Согласно член 54 став 3 од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, социјално или националното потекло, имотна или општествената положба.

Согласно член 9 став 2 од Законот за набавување посредување и носење оружје (“Службен весник на Република Македонија” бр.22/81), органот за внатрешни работи нема да издаде одобрение за набавување оружје со олучени цевки (според член 6 од Законот оружје со олучени цевки се војнички пушки, ловечки карабини, пиштоли, револвери, малокалибарски пушти и малокалибарски пиштоли), ако утврди дека лицето што поднесува барање нема оправдана причина да поседува и да носи такво уружје или ако тоа го налагаат интересите на јавниот ред и мир.

Судот оцени дека е надлежен да одлучува само за оние повреди на кои се укажува во барањето кои се однесуваат на слободите и правата утврдени со член 9 и член 54 став 3 од Уставот и дека не е надлежен за заштита на правата и слободите утврдени со другите уставни одредби и со законските одредби на кои се укажува во барањето.

Судот смета дека правото на носење оружје не е основно право на човекот и граѓанинот утврдено и гарантирано со Уставот, туку само можност, за која, врз основа на закон, одлучува соодветниот орган на управата. Судот, исто така, смета дека одлучувањето за оправданоста на причините за набавување, поседување и носење оружје не е во непосредна врска со остварувањето на основните слободи и права за чија заштита е надлежен Уставниот суд на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Leave a Reply