206/1992-0-0

206/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 став 1 алинеја 1 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки на седницата одржана на 4 ноември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката за облигаторно изучување на англиски јазик и факултативно изучување на француски јазик во петто одделение, донесена од Наставничкиот совет на Основното училиште “Васил Главинов” во Скопје на 12 јули 1992 година. 2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на акт на директорот на означеното основно училиште за укинување на предметот француски јазик во петто одделение, затоа што директорот не бил надлежен со свои акти да ги менува наставните програми и планови.
3. Во текот на постапката Судот утврди дека прашањата на кои се укажува со иницијативата се уредени со одлуката на Наставничкиот совет наведена во точката 1 од ова Решение.
Разгледувајќи ја одлуката, Судот на седницата утврди дека со неа е утврдено учениците од петтите одделенија во наредната учебна година да го изучуваат англискиот јазик, а да се организира факултативна настава по француски јазик.
4.Според член 61 од Законот за предучилишно и основно воспитание и образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/83, 15/90, 11/91 и40/90) воспитанието и образованието во организациите за згрижување и воспитание и во основните училишта се остварува според планови и програми за воспитно-образовната дејност, што ги изработува научна организација, односно специјализирана стручна организација за развој на воспитанието и образованието. Според член 62 од Законот планот и програмите за воспитно-образовната дејност на основното воспитание и образование претставуваат целосен систем на меѓусебно поврзани програми на воспитно-образовните подрачја, наставните предмети, наставните курсеви, изборните и факултативните содржини, производствената и друга општествено-корисна работа, слободните ученички активности, ученичките организации, заедници, клубови и друштва, јавната и културната дејност на училиштата и следењето на развојот на учениците, унапредувањето на воспитно-образовната работа, здравственото воспитување и здравствената заштита на учениците.
Според член 64 од Законот, врз основа на планот и програмата за воспитно-образовната дејност, секое основно училиште изработува и донесува годишна програма за работа, најдоцна до 15 септември.
Од наведените законски одредби произлегува дека прашањето за изучување на странските јазици во основните училишта се уредува со наставните програми и планови, како и со годишните пограми за работа на училиштата. Тргнувајќи од карактерот на наставните планови и програми, како систем и начин на програмирано остварување на целите и задачите на воспитно-образовната дејност Судот смета дека тие, како и годишните програми за работа на училиштата, во чии рамки е донесена и оспорената одлука, не претставуваат општи правни акти во смисла на член 110 алинеја 1 и алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, туку програмски акти во вршењето на воспитно-образовната дејност, за чија законитост, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Leave a Reply