72/1992-0-0

72/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 21 октомври 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за утврдување општ интерес за изградба на хотел-делукс на локалитетот на плоштадот “Маршал Тито” во Скопје, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/92).
2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што: со неа се утврдувал општиот интерес за изградба на објект на подрачје за кое претходно бил донесен основен и детален урбанистички план со кои веќе бил утврден општиот интерес; што со донесените урбанистички планови биле утврдени архитектонско-техничките услови за градба поради што Владата на Република Македонија не била овластена да донесува акти врз основа на кои ќе се издаваат решенија за локација; решение за локација можел да донесе само органот надлежен за работите на урбанизмот, а не и Владата на Република Македонија и што со ваквата одлука се нарушувал системот на просторното и урбанистичкото планирање; се елиминирале демократските институции на контрола и на уредување на просторот и започнувал процес на арбитрерно располагање со едно од најголемите национални богатства и се остварила можност за разграбување на просторот, кој и со Уставот бил дефиниран како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, што не било во согласност со закон.
Исто така, со иницијативата се бара, до донесување на конечна одлука, Судот да го запре извршувањето на Одлуката.
4. На седницата Судот утврди дека со точката 1 од Одлуката се утврдува локација за изградба на хотел-делукс со капацитет од 450 легла. Составен дел на Одлуката, според точката 2, е графичкиот приказ на локацијата во кој се утврдени одделни елементи за определување условите за градба. Точката 3 содржи одредба за нејзиното влегување во сила.
Судот, исто така, утврди дека за централното градско подрачје постои детален урбанистички план донесен во 1967 година, во кој не е предвидена изградба на хотел на просторот определен со оспорената одлука. Во 1985 година е извршена измена и дополнување на Основниот урбанистички план, кој не е разработен со нов детален урбанистички план. Со измените и дополнувањата на Основниот урбанистички план во централното градско подрачје е предвидена изградба на хотел.
Понатаму, Судот утврди дека Одлуката е донесена врз основа на член 16 од Законот за експропријација и член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичко планирање. Во текот на постапката Министерството укажа дека повикувањето на член 16 од Законот за експропријација е техничка грешка.
Тргнувајќи од укажувањето и содржината на одлуката со која не се утврдува општ интерес, туку се определува локација за изградба на хотел, Судот оспорената одлука ја оценуваше во однос на одредбите од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.
5. Според член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 28/89 и 38/90) за населени места и надвор од нив за кои не е донесен просторен или урбанистички план или донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба, локација за изградба на јавни, општествени односно стопански објекти може да се издаде врз основа на посебен акт на Владата на Република Македонија односно општ акт на собранието на општината за објекти од општинско значење.
Од наведената законска одредба произлегува дека за местата за кои е донесен урбанистички план, ако тој не содржи елементи за утврдување услови за градба, локација за изградба на јавни, општествени односно стопански објекти може да се издаде врз основа на посебен акт на Владата.
Според тоа, услов за користење на ова законско овластување е донесениот урбанистички план да не содржи елементи за утврдување услови за градба и да се во прашање јавни, општествени односно стопански објекти.
Со оглед на тоа што со измените и дополнувањата на Основниот урбанистички план на Град Скопје од 1985 година во централното градско подрачје е предвидена изградба на хотел, а планот не содржи елементи за утврдување услови за градба, Судот оцени дека Владата во случајов имала законско овластување да ја донесе оспорената одлука како посебен акт, врз основа на кој надлежниот орган на управата може да издаде решение за локација.
6. Во врска со наводите во иницијативата дека за централното градско подрачје бил донесен урбанистички план со кој биле утврдени архитектонско-техничките услови за градба, Судот утврди дека со измените и дополнувањата на основниот урбанистички план од 1985 година не се определени архитектонско-техничките услови за изградба на предвидениот хотел, поради што не може да се постави прашањето за согласноста со Законот на оспорената одлука од тој аспект.
Во врска со наводите во иницијативата дека решение за локација може да донесува само орган надлежен за работите на урбанизмот, а не и Владата, Судот утврди дека оспорената одлука не претставува решение за локација во смисла на член 47 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, кое е основ за издавање на урбанистичка согласност и одобрение за градење, туку посебен акт со кој се утврдуваат одделни елементи за определување услови за градба на хотел во смисла на член 54 од законот.
Судот ги имаше предвид и наводите во иницијативата дека со Одлуката се елиминирале институциите на контрола на уредувањето на просторот и дека се отварала можност за арбитрерно располагање со просторот како национално богатство, но оцени дека оспорената одлука се засновува на овластувањата што законот ги определил за Владата, а дали, пак, со закон можело на Владата да и се даде овластување, е прашање кое, во овој случај, не е предмет на уставно-судска оценка.
7. Што се однесува до барањето за времена мерка, со оглед на тоа што не поведе постапка, Судот оцени дека нема основ за нејзино изрекување.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Leave a Reply