46/1992-0-0

46/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 од Уставот на Република Македонија и на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 30 септември 1992 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 5 од Правилникот за систематизација на работите и задачите во Републичката геодетска управа, донесен о директорот на Управата на 28 јануари 1992 година, во деловите кои се однесуваат на условите за пополнување на работните места
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение бр.46/93 од 24 јуни 1992 година, поведе постапка за оценување законитоста на одредбите од правилникот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Законот за органите на управата.
4. На седницата Судот утврди дека според оспорениот член 5 од Правилникот во означените сектори, одделенија, самостојни отсеци и отсеци при утврдувањето на условите што треба да ги исполнуваат работниците на овие работни места, во чиј опис и попис на задачите спаѓа раководење, организирање и координирање на работата, стручно-аналитички работи, учество во изготвувањето на нормативните акти, анализи, извештаи и слично, е предвиден 6 степен односно виша стручна подготовка, а во одделни случаи и средна стручна подготовка.
5. Согласно член 180 став 1 од Законот за органите на управата (“Службен весник на СРМ” бр.40/90) работниците кои работат на стручни работи сврзани со остварувањето на функциите на органот на управата мораат да имаат пропишана стручна подготовка во зависност од сложеноста на работите и задачите, а кога е тоа посебно определено и работно искуство во соодветната струка односно служба. Ставот 2 на овој член од Законот пропишува дека работниците кои непосредно ги извршуваат законите и другите прописи, кои се овластени за донесување решенија во управна постапка, кои преземаат посложени дејствија при решавањето на управни работи, на инспекциски работи, на подготовка на прописи и други акти на Собранието и Владата, како и на други работи и задачи чие вршење бара висок степен на стручност и самостојност во работата, мора да имаат висока стручна подготовка. Согласно член 112 од Законот заради усогласено утврдување на условите за вршење на работите и задачите од ист вид во општиот акт за систематизација на работите и задачите на органот на управата се определуваат, во согласност со овој закон, според видот и сложеноста на определени работи и задачи и други карактеристики на тие работи и задачи, единствени називи за групи на работи и задачи од ист вид, како и единствени барања во поглед на видот и степенот на стручната подготовка и на другите услови потребни за нивно вршење. Согласно ставот 2 на овој член номенклатурата на називите, барањата и условите за органите на управата ја утврдува Владата.
Според член 19 став 1 точка 1 од Уредбата за номенклатурата на единствените називи за групи на работи и задачи од ист вид и условите за нивното вршење во органите на управата (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/91), за вршење на студиско-аналитичките работи, нормативно-правните работни, управно-надзорните работи, проектирањето и автоматизирањето на работниот процес, информативно-документационите работи (член 6-12) е потребен завршен факултет односно 7 степен на стручна подготовка од соодветна насока и определено работно искуство на исти или слични работи и задачи.
Од изнесените законски одредби произлегува дека како услов за вршење на работите и задачите на работните места потсекретар на сектор, началник на оддеение и шеф на отсек, како и самостоен референт, мора да биде предвиден 7 степен односно висока стручна подготовка.
Со оглед на тоа што со оспорениот член 5 од Правилникот при утврдувањето на условите за пополнување на работните места на кои се вршат работите и задачите: раководење, организирање и координирање на работата, стручно-аналитички работи, учество во изготвување на нормативните акти, анализи, извештаи и слично е предвиден 6 степен односно виша, а за некои од нив и средна стручна подготовка, Судот оцени дека тој не е во согласност со означените законски одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

Leave a Reply