134/1992-0-0

134/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 17 септември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за прогласување на работници за економски вишок и нивно привремено неангажирање, донесена од Работничкиот совет на Железничкото транспортно претпријатие “Скопје” во Скопје на 9 јуни 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му се поднесени иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што прогласувањето на економски вишок и привременото неангажирање на работниците немало законски основ, а како такви работници се определувале само оние што имаат определен стаж и години на старост, без критериуми што се во врска со потребите на процесот на трудот, што не било во согласност со Уставот и со закон.
3. На седницата Судот утврди дека според оспорената одлука, проадилошките економско-финансиски резултати и отежнатите услови на стопанисување, а заради подобрување на состојбата, сите работници кои можат да остварат право на предвремена старосна пензија односно имаат над 35 години пензиски стаж и над 55 години живот (мажи) односно над 30 години пензиски стаж и на 50 години живот (жени) претставуваат економски вишок и од 1 јули 1992 година се прогласуваат за времено работно неангажирани работници. За време на привременото неангажирање овие работници ја добиваат основната плата во висина од 100% од цената на трудот, без право на додатоци по основ на квалитет во работата, рационално искористување на работното време, превоз и исхрана. Исто така, во Одлуката е предвидено Работничкиот совет да одлучи кога и кои работници ќе бидат повторно ангажирани.
4. Согласно член 8 точка 1 алинеја 7 од Уставот на Република Македонија, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е утврдена и слободата на трудот и претприемништвото, а согласно член 32 став 3 секој вработен има право на соодветна заработувачка. Согласно член 32 точка 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според членовите 1, 2 и 23 од законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.42/90) под работен однос се подразбира доброволен однос меѓу работникот и организацијата, заради вршење на определени работи и економски целесообразно и одговорно користење на средствата и остварување на правата и обврските што се стекнуваат со работа и по основ на работа, а правата, обврските и одговорностите од работниот однос се уредуваат со закон, со колективен договор и со општ акт на организацијата.
Согласно член 34 од законот за работните односи (“Службен весник на СРМ” бр.20/90) на работникот му е загарантиран личен доход во износ од 50% од просечниот месечен личен доход во стопанството на Републиката.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека претпријатијата се самостојни во водењето на деловната политика и рационалното користење на средствата и во нормативното уредување на правата и обврските од работниот однос, заради остварување на својата економска положба и создавање добивка во односите на пазарот, при што се должни да го обезбедат остварувањето на со Уставот и со закон утврдените основни права на работниците.
Со оглед на тоа што со оспорената одлука привремено се уредува положбата на работниците во услови на економско-финансиски тешкотии на претпријатието, при што не се доведуваат во прашање основните права на работниците кои произлегуваат од работниот однос, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Leave a Reply