63/1992-0-0

63/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 17 септември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 53 став 1 точка 1 и член 72 став 2 точка 9 од Статтутот на Акционерското друштво за внатрешен и надворешен промет “Аутомакедонија” – Скопје, донесен од Собранието на Друштвото на 5 октомври 1991 година.
2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување уставноста и законитоста на Одлуката бр.4 со која се утврдува составот на Управниот одбор, донесена од Собранието на означеното акционерско друштво, на 5 октомври 1990 година.
3. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што во член 53 став 1 точка 1 од Статутот било предвидено директорите на секторите преку Управниот одбор да го именуваат и разрешуваат директорот на акционерското друштво, а според член 72 став 2 точка 9 од Статутот директорот на друштвото ги именувал и разрешувал работниците со посебни овластувања и одговорности (директори на сектори), со што се востановувало взаемно именување на директорите, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија, и со закон. Одлуката бр.4 се оспорува затоа што членовите на Управниот одбор истовремено биле и работници со посебни овластувања и одговорности, што не било во согласност со Уставот и со закон.
4. На седницата Судот утврди дека според член 1 од Статутот, поранешното претпријатие за внатрешен и надворешен промет “Аутомакедонија” во Скопје се трансформира во мешовито претпријатие односно во акционерско друштво.
Во член 53 став 1 точка 1 од Статутот на друштвото е предвидено управниот одбор да го именува и разрешува директорот на друштвото.
Според член 58 став 1 од Уставот на Република Македонија сопственоста и трудот се основи за управување и учество во одлучувањето.
Согласно член 127 ставб 1 точка 1 од Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр. 77/88, 40/89, 46/90 и 61/90), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички закон, управниот одбор на акционерското друштво, покрај другото, го назначува и разрешува директорот на претпријатието.
Со оглед на тоа што во член 53 став 1 точка 1 од Статутот во кој е предвидено управниот одбор на акционерското друштво да го назначува и разрешува директорот на друштвото, Судот смета дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означената уставна и законска одредба.
5. Судот на седницата утврди дека според член 38 став 1 точка 6 од Статутот, собранието ги именува и разрешува членовите на управниот одбор, а во член 72 став 2 точка 9 од Статутот е предвидено, покрај другото, директорот да ги именува и разрешува работниците со посебни овластувања и одговорности во друштвото. Исто така, Судот утврди дека со Статутот не е уредено прашањето за неспоивоста на работите на работниците со посебни овластувања и одговорности со членството во Управниот одбор на друштвото.
Според член 123 од Законот за претпријатија собранието ги донесува Статутот односно правилата на претпријатието, програмата за работа и планот за развој, ги назначува и разрешува членовите на управниот одбор, ја утврдува деловната политика, одлучува за распределбата на добивката, како и за други прашања утврдени со статутот односно правилата на друштвото. Според член 132 став 1 од Законот, директорот на мешовитото претпријатие го организира и раководи процесот на трудот и работењето на претпријатието, го застапува претпријатието спрема трети лица и е одговорен за законитоста на работењето на претпријатието, а согласно став 2 на истиот член од законот директорот врши и други работи предвидени со Статутот односно со правилата на друштвото.
Од изнесените законски одредби произлегува дека собранието на друштвото, покрај другото, ги назначува и разрешува членовите на управниот одбор на друштвото, а со Статутот на друштвото, освен оние овластувања што се утврдени со Закон, е пропишано да се утврдат и други права и должности на директорот, а во тие рамки и да ги назначува и разрешува работниците со посебни овластувања и одговорности.
Со оглед на изнесеното, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 72 став 2 точка 9 од Статутот со означените одредби од законот.
6. Во поглед на оценката на законитоста на Одлуката за избор на членови на Управниот одбор со оглед на својството на лицата што се избрани за членови на управниот одбор, Судот оцени дека таа е поединечен акт, за што, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

Leave a Reply