184/1992-0-0

184/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 став 1 алинеја 1 и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 4 септември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија за оценување уставноста на дејствието односно актот бр.08-1596 од 16 август 1992 година на Претседателот на Република Македонија со кој за мандатор за состав на Владата на Република Македонија се определува Бранко Црвенковски-пратеник во Собранието на Република Македонија.
2. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија, преку координаторот Стефковски Томислав, му поднесе иницијатива на Уставниот суд на Република Македонија за поведување постапка за оценување уставноста на дејствието односно актот означен во точка 1 од ова решение, затоа што Претседателот на Република Македонија за мандатор определил кандидат од иста политичка партија која го искористила правото во уставно пропишаниот рок да предложи мандатор за состав на Владата на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека Претседателот на Републиката на 16 август 1992 година го известил Претседателот на Собранието на Република Македонија дека за мандатор за состав на Владата на Република Македонија, по предлог на Социјалдемократскиот сојуз, го определил Бранко Црвенковски-пратеник во Собранието.
4. Според член 84 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија претседателот на Република Македонија го определува мандаторот за состав на Владата на Републиката, а според член 90 став 1 од Уставот, Претседателот на Република Македонија е должен мандатот за состав на Владата да му го довери на кандидат од партијата односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.
Според мислењето на Судот,определувањето на мандатор за состав на Владата на Република Македонија е дејствие на Претседателот на Републиката во остварување на неговото уставно овластување со кое отпочнува постапка за избор на Владата. Поради тоа, Судот оцени дека ова дејствие, односно актот на Претседателот на Република Македонија за определување на мандатор за состав на Владата не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија.
Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, да штити одделни слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот, да одлучува за одговорноста на Претседателот на Републиката, како и за други прашања утврдени со Уставот.
Со оглед на тоа што оспореното дејствие односно акт не претставува пропис или друг општ акт во смисла на член 110 од Уставот, ниту со иницијативата се бара заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот определени во алинеја 3 на овој член од Уставот, ниту, пак, постои барање за одговорност на Претседателот на Републиката во смисла на член 87 од Уставот, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Leave a Reply