Решение У.бр.110/1992

У.бр.110/1992

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 став 1 и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 8 јули 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Владимир Стефановски, претседател на Македонската народна партија од Скопје, за оценување уставноста и законитоста на актите на Комисијата за уставни прашања на Собранието на Република Македонија за избор на химна на Република Македонија.

2. Владимир Стефановски, претседател на Макдонската народна партија од Скопје, му поднесе иницијатива на Уставниот суд на Република Македонија за оценка на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што со нив била извршена негова дискриминација поради политичката припадност, со тоа што неговиот предлог за химна бил одбиен, од причини наведени во написот даден во весникот “Нова Македонија”, во кој академик Властимир Николовски изјавил дека “нема да дозволи химната да ја компонираат разни водачи на партии, наметнувајќи дневно политички или партиски текстови”.

3. Судот на седницата утврди дека работната подгрупа за оценка на пристигнатите текстови за химна на Република Македонија ги разгледала понудените решенија и донела одлука да не се додели ни една награда или откуп, а работната подгрупа за оценка на музичките решенија за химна на Република Македонија, донела одлука да бидат доделени три награди. Од доставената документација Судот утврди дека од Комисијата за уставни прашања, како ни од надлежен државен орган, а ни од стручните работни тела што вршеле оценка на пристигнатите предлози, не е донесен акт со кој е одбиен предлогот за химна на Владимир Стефановски.

Понатаму, Судот утврди дека во новинарскиот извештај од одржаната трибина, во весникот “Нова Македонија” под наслов “Нова македонска химна” е наведено мислењето на академикот Властимир Николовски-раководител на работната подгрупа за оценка на музичките решенија за химна дека не треба да се дозволи идната химна да ја компонираат разни водачи на партии и политичари, наметнувајќи дневно-политички или партиски текстови. Во написот не се спомнува ниту името, ниту политичката припадност на подносителот на иницијативата.

4. Со член 5 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека државните симболи на Република Македонија-грбот, знамето и химната, се утврдуваат со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 8 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија законот за грбот, знамето и химната на Републиука Македонија требаше да се донесе во рок од шест месеци од денот на прогласувањето на Уставот, а до донесувањето на овој закон е предвидено да се применуваат постојните симболи и химната утврдена во поранешниот Устав.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека химната на Републиката се утврдува со закон, при што во Уставот не е пропишана постапката за нејзиниот избор.

Според член 110 алинеја 3 од Уставот Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат, покрај другото, и на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на политичката припадност.

Според мислењето на Судот, во конкретниот случај нема основ за негово постапување во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот, затоа што не постои поединечен акт, ниту дејство од државен орган од кој може да се утврди дека е извршена дискриминација на Владимир Стефановски поради негова политичка припадност.

Исто така, Судот оцени дека изјавата од раководителот на работната подгрупа за оценка на музичките решенија за химна изнесена во јавна расправа на тема “Нова македонска химна” не може да се смета како дејство со кое се повредува уставната забрана на дискриминација на граѓаните по основ на политичката припадност.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Leave a Reply