76/1992-0-0

76/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 17 јуни 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Планот за реализација на урбанистичката единица бр. 21 (населба Козле), донесена од Собранието на град Скопје на 1 јули 1982 година, во делот што се однесува на проширување на постојната улица “Нерешка” во населбата Жданец.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се предвидувало проширување на постојната улица “Нерешка” во населбата Жданец и се вршело намалување на дворните места без да биде спроведена постапката пропишана со закон.
3. На седницата Судот утврди дека нацртот на Планот, кој бил утврден од Собранието на Градот на 3 јули 1981 година, предвидувал надградба на сите постојни индивидуални станбени објекти до П+1 кат и проширување на постојните сообраќајници до 4,5 метри, меѓу кои и на ул.”Нерешка”. Нацртот на Одлуката бил изложен на јавен увид во просториите на Месните заедници “Пецо Божиновски-Кочо” и “Кузман Јосифовски-Питу” на 24 јули 1981 година, а по него двете месни заедници организирале јавни расправи на 10 септември 1981 година и на 24 февруари 1982 година, при што не биле ставени забелешки во врска со предвидувањето проширување на постојните сообраќајници.
4. Во членовите 17 и 20 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.20/78), кој важел во време на донесувањето на оспорената одлука, било определено дека план за реализација претставува урбанистички план, кој содржи, покрај другото, детално сообраќајно решение на улиците и на градежните парцели. Според член 30 став 1 и 2 од Законот урбанистичките планови во сите фази на изработување задолжително се ставаа на јавен увид и по нив се организираше јавна расправа, а постапката за донесувањето на плановите ја утврдуваше собранието на општината.
Според член 19-а став 2 алинеја 2 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 35/90), кој е сега во сила, деталниот урбанистички план содржи покрај другото, идејни решенија за инфраструктурата и план за парцелација на новопредвидените објекти. Согласно член 31 од овој закон деталниот урбанистички план, во ваза на нацрт, задолжително се става на јавна расправа, со негово излагање во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и на другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот на управата надлежен за урбанизам во писмена форма. Според членовите 33 и 34 од Законот органот на управата надлежен за урбанизам до собранието на општината доставува предлог на деталниот урбанистички план заедно со извештајот од јавната расправа, со образложение за неприфатените забелешки, а планот го донесува собранието на општината.
Од изнесените законски одредби произлегува дека со планот за реализација односно со деталниот урбанистички план се уредува и сообраќајната инфраструктура и парцелацијата на градежното земјиште, при што мора да се обезбеди јавен увид и јавна расправа.
Со оглед на тоа што по нацртот на Планот бил обезбеден јавен увид и била организирана јавна расправа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

Leave a Reply