34/1992-0-0

34/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, согласно член 112 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, по јавната расправа на седницата одржана на 3 јуни 1992 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Уредбата за начинот и постапката на усогласување на работењето на претпријатијата и другите правни лица и на деловите на претпријатијата и другите правни лица што вршат стопанска дејност со седиште на територијата на другите републики и автономните покраини Војводина и Косово, донесена на 13 февруари 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/92 и 21/92).
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.34/92 од 5 март 1992 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на уредбата означена во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.
4. Судот на седницата и на јавната расправа утврди дека според член 1, со Уредбата се уредува начинот и постапката на усогласувањето на работата на претпријатијата и другите правни лица што вршат стопанска дејност во општествена сопственост кои се основаа како друштва со ограничена одговорност од деловите на претпријатијата кои имаат седиште на територијата на другите републики и покраините Војводина и Косово (друштва со ограничена одговорност); правата на претпријатијата со седиште на територијата во друга република односно покраините Војводина и Косово, а кои имаат делови на претпријатијата на територијата на Република Македонија (матично претпријатие); претпријатија и други правни лица кои имаат имот кој го дале под закуп или на друг начин со него управуваат, го користат и располагаат без основање на негови делови во Република Македонија, како и привремената забрана на располагање со одредени недвижности, подвишни ствари и права врз кои имаат сопственост и владение, ги користат или управуваат органите и институциите на Федерацијата, републиките и покраините Војводина и Косово на територијата на Република Македонија.
Во членовите 2-4 од Уредбата се определуваат облиците на организирање на означените организации, како и роковите за усогласување на управувањето и располагањето со имотот и на работењето со одредбите на оваа уредба односно со Законот за странски вложувања, Законот за надворешно-трговско работење и со други прописи со кои се уредува вложувањето и работењето на правни и физички лица. Со членовите 5 и 6 од Уредбата се пропишува начинот на постапување со имотот на друштвата со ограничена одговорност, правото на учество на работниците во капиталот на новооснованите претпријатија настанати со преобразба на имотот, а се допушта и можност за отстапување од пропишаниот режим, со примена на реципроцитет во соодветната република. Со овие одредби се утврдуваат и условите под кои општествениот имот на друштвата преминува на управување и располагање на Фондот за развој на Република Македонија. Со член 7 од Уредбата се утврдува обврска за Службата на општествено книговодство на Република Македонија да изврши контрола над располагањето со општествениот имот на друштвата со ограничена одговорност и на деловите на матичното претпријатие присоединети кон претпријатијата со седиште во Република Македонија и се определува начинот на постапување на Службата во врска со тоа. Понатаму, Судот утврди дека со член 8 од Уредбата се пропишува начинот на остварување на правата од работен однос на работниците од организациите на кои се однесува Уредбата, се утврдува забрана за промена на работно-правниот статус на работниците и обврска за задржување на директорите до избор на нови органи на управување. Со член 9 од Уредбата се пропишува обврска за претпријатијата со седиште на територијата на другите републики и покраините кои имаат имот со кој управуваат, го користат и располагаат на територијата на Република Македонија да располагаат со него во согласност со одредбите на оваа Уредба и забрана истиот да го отуѓат да го заменат (разменат), дадат на дар и сл., како и забрана да пренесуваат ствари и права надвор од Републиката до билатералното уредување на меѓусебните односи на Републиката со републиката на чија територија има седиште матичното претпријатие. Судот, исто така, утврди дека со член 10 од Уредбата до реципрочното уредување на односите меѓу Републиката односно меѓу републиките и поранешната Федерација, се забранува располагањето на определени недвижности, подвижни ствари и права врз кои имаат сопственост, владение, ги користат и управуваат органите и институциите на Федерацијата, републиките и покраините Војводина и Косово на територијата на Република Македонија. Со член 11 и став 2 на член 12 од Уредбата е предвидена и забрана надлежните судови и другите државни органи на територијата на Република Македонија да вршат заверки, упис во соодветната јавна книга и друго дејствие што се однесува на стекнување на права на недвижности чие располагање е забрането односно ограничено со оваа Уредба, како и нивна обврска да не ги признаваат правните последици на располагањата спротивни на одредбите од оваа Уредба. Со став 1 на член 12 од Уредбата се прогласува за ништовна секоја склучена правна работа или правен акт донесен спротивно на одредбите на оваа Уредба.
Со член 10 од Уредбата за начинот и условите за продажба на становите и деловниот фонд на ЈНА што се во државна сопственост на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/92) е пропишано дека со денот на влегувањето во сила на оваа Уредба престануваат да се применуваат членовите 10, 11 и 12 од оспорената Уредба на становите и деловниот фонд на ЈНА што се во државна сопственост на Република Македонија.
5. На јавната расправа, претставниците од Собранието и Владата на Република Македонија застапуваа становиште дека оспорената Уредба е донесена во извршувањето на законите, а со цел да се заштити имотот и интересите на Републиката и дека со неа не се уредуваат односи надвор од законите односно не се предвидуваат нови форми на организирање на претпријатијата, туку само предвидените со закон.
На јавната расправа беше изнесено мислење дека член 4 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија може да биде основ за отстапување од редовниот начин на постапување на органите на Републиката, па во тие рамки и на Владата, која, иако со оваа одредба не е изречно овластена, може да донесува уредби со законска сила во смисла на член 126 од Уставот, со кои времено може да се суспендираат одделни законски решенија, како што е тоа сторено и со оспорената Уредба.
Исто така, беше изнесено мислење дека според Уставот Владата не е извршен орган на Собранието и дека таа во рамките на уставното овластување да ја утврдува политиката на извршување на законите била областена да презема мерки за заштита на имотот и интересите на Републиката, во постојните околности на делување на два правни системи од различен карактер. Во вакви околности, според ова мислење, Владата била овластена да ги уреди односите на начин пропишан со оспорената Уредба.
6. Според член 8 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок на Репубоиката е поделбата на власта на законодавна, извршна и судска. Како носител на законодавната власт е определено Собранието на Републиката, а носител на извршната власт-Владата, која според член 88 од Уставот, своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите. Според член 91 од Уставот, Владата ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и донесува уредби и други прописи за извршување на законите (алинеја 1 и 5).
Владата, според член 126 од Уставот, може да донесува уредби со законска сила, но само во воена или вонредна состојба, чие постоење го утврдува Собранието на Репубоиката односно Претседателот на Републиката (член 124 и 125 од Уставот).
Од наведените уставни одредби произлегува дека регулативната функција на Владата, како носител на извршната власт, е ограничена на донесување уредби и други прописи и општи акти за извршување на законите, а изворно може да ги уредува општествените односи само при постоење на воена или вонредна состојба, за чие прогласување одлука донесува Собранието односно Претседателот на Републиката.
Од овие уставни одредби, исто така, произлегува дека со пропис на Владата не можат на поинаков начин да се уредуваат одделни односи регулирани со закон односно да се менуваат одделни законски решенија.
При заземањето на ова стојалиште Судот го имаше предвид и мислењето изнесено на јавната расправа дека член 4 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија востановува посебен вид вонредна состојба односно дека Републиката, до постигнувањето на договор меѓу републиките и до извршување поделба на имотот и на правата и обврските настанати од создавањето на СФРЈ, делува во посебни околности кои не се уредени со Уставот, а кои како преоден правен режим овозможуваат Владата да презема мерки со кои ќе се спречи оштетување или уништување на имотот кој и припаѓа на Републиката како на држава сукцесор, а во тие рамки и да донесува уредби со законска сила. Меѓутоа, Судот утврди дека од содржината на член 4 од Уставниот закон произлегува дека Републиката ги презема мерките врз основа на договор со другите републики, а ако не се склучи договор- според општите правила на меѓународното право и согласно Виенските конвенции за сукцесија на државите, кои ја определуваат позицијата на Републиката во надлежностите на нејзините органи. Ова и затоа што според член 5 од Уставниот закон преземањето на сојузните прописи како републички се врши на начин што ги афирмира уставните позиции на државните органи и не допушта поинакво определување на нивните функции, врзувајќи се за надлежностите утврдени со Уставот.
Не доведувајќи го во прашање правото на Републиката да го штити својот имот и интерес, Судот оцени дека член 4 од Уставниот закон не може да претставува основа за овластување на Владата да постапува како во вонредни околности на начин утврден со членовите 125 и 126 од Уставот.
Исто така, Судот не ја прифати тезата, изнесена на јавната расправа, дека уставното овластување на Владата да ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието значи уставна можност Владата да уредува односи кои претставуваат законска материја и да може да ја суспендира примената на одделни законски решенија. Тргнувајќи од суштината и карактерот на извршната власт утврдена во Уставот на Република Македонија, Судот смета дека Владата како нејзин носител е овластена само да предлага закони и да донесува прописи за нивно извршување, а не и да делува како паралелна законодавна власт.
Со оглед на тоа што со оспорената уредба се уредуваат прашања што претставуваат законска материја, Судот оцени дека таа не е во согласност со означените уставни одредби.
7. Според член 58 став 1 од Уставот основа за управување и учество во одлучувањето е сопственоста и трудот, па според тоа за сите прашања што се однесуваат на статусни, организациони и материјални односи одлучуваат сопствениците на капиталот во стопанските субјекти и работниците во нив. Уставот (член 58 став 2) дава можност со закон да се уреди само учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби.
Прашањата за статусот на стопанските субјекти односно на претпријатијата, формите и начинот на нивното организирање, правата, обврските и одговорностите на претпријатијата во правниот промет и располагањето со имотот на претпријатијата се уредени со Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр.77/88, 40/89 и 46/90), според кој одлука за статусна промена на претпријатието донесува органот на управување.
Во Законот за странски вложувања (“Службен лист на СФРЈ” бр.77/88) се утврдени условите за вложување на средства од странски лица заради вршење на стопански и општествени дејности, како и формите на странските вложувања. Исто така, во овој закон е предвидено дека вложувањето на странските лица се врши со договор за вложување или со договор за основање, кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се пријавува до републичкиот орган на управата надлежен за односите со странство, за да се утврди дали е во согласност со Уставот и со закон.
Понатаму, со Законот за надворешно-трговско работење (“Службен лист на СФРЈ” бр.63/89 и 11/91), се пропишани условите за вршење на надворешно-трговскиот промет, при што како еден од условите е предвидено претпријатието со овој општ акт да утврди дека ќе врши надворешно-трговски промет и да ги утврди работите и задачите од надворешно-трговскиот промет.
Тргнувајќи од изнесените уставни и законски одредби, Судот оцени дека Владата, во рамките на своите уставни овластувања, не може да налага основање на претпријатија, да ги определува облиците на организирање и карактерот на општествените средства во претпријатијата и другите организации на кои се однесува означената уредба, како и начинот на постапување со имотот на одделни организации кои во определен рок нема да ја применат Уредбата.
Поради тоа, Судот оцени дека оспорената Уредба не е во согласност со означените уставни и законски одредби.
8. Со член 55 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, која може да се ограничи само со закон и тоа единствено заради одбраната на Републиката, зачувување на природната и животната средина или здравјето на луѓето.
Од оваа уставна одредба произлегува дека пазарот на стоки, а во тие рамки и на недвижности, подвижни ствари и права е слободен и истиот може да се ограничи само со закон и тоа во точно определени случаи. Од Уставот, исто така, произлегува дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (член 30 од Уставот).
Прометот на недвижности е уреден со Законот за промет со земјишта и згради (“Службен весник на СРМ” бр.36/75, 10/79) во кој е утврден начинот на оттуѓувањето односно продажбата на земјиштето и на зградите, при што не е допуштено ограничување на прометот, освен привремено заради потребите на урбанизацијата.
Во Законот за основите на сопственосно-правните односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.6/80) се определени начините на стекнување на правото на сопственост, правото на сопственикот својот предмет да го користи и со него да располага во границите определени со закон, како и обврската на сопственикот да го остварува правото на сопственост во согласност со природата и намената на предметот и во согласност со општествениот интерес определен со закон. Исто така, во овој закон е утврдено дека стекнувањето, заштитата и престанувањето на правото на сопственост се уредува со закон и истото може да се одземе или ограничи само под услови пропишани со закон во согласност со Уставот.
Во Законот за облигационите односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.29/78, 39/85, 46/85, 45/89 и 57/89) се утврдени причините за ништавност и рушливост на договорите.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека условите за стекнување на правото на сопственост, за ограничувањето на располагањето со сопственоста, условите за прометот на предметите во сопственост на правни и физички лица, како и причините за ништавност на договорите се уредуваат со закон и дека Владата ниту со Уставот, ниту со наведените закони не е овластена да го ограничува правниот промет односно располагањето со недвижностите, подвижните предмети и правата.
Со оглед на тоа што со оспорената уредба се забранува прометот на определени недвижности, подвижни ствари и права и се определуваат услови за ништавност на договорите, Судот оцени дека оспорената Уредба не е во согласност и со овие уставни и законски одредби.
9.Според член 98 од Уставот, судовите се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, а надлежноста и постапката пред нив се уредува со закон.
Според Законот за Службата за општествено книговодство во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/85 и 23/86) организацијата и функционирањето на оваа служба се уредува со закон.
Со оглед на тоа што со Уредбата се определуваат обврски за начинот на постапување на судовите во поглед на заверката и уписот во соодветни јавни книги и други дејствија што се однесуваат на стекнување на права врз недвижности, како и обврски за постапување на Службата за општествено книговодство, Судот оцени дека оспорената Уредба не е во согласност со означените уставни и законски одредби.
10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

Leave a Reply