Решение У.бр.74/1992

У.бр.74/1992

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и член 12 став 1 алинеја 1 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 13 мај 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на правата повредени со Решението С.бр.19664, донесено од Самоуправната интересна заедница за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија на 6 декември 1991 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесено барање за заштита на правата повредени со решението означено во точката 1 од ова решение, затоа што со него се вршело присилно пензионирање, што не била земена најповолната пензиска основица и затоа што било донесено како резултат на криминални дејствија.

3. Разгледувајќи го барањето, Судот утврди дека со него се бара заштита на права кои произлегуваат од прописите за пензиското и инвалидското осигурување, а не на основните слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, за чија заштита е надлежен Уставниот суд на Република Македонија. Според оваа уставна одредба, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот кои се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислењето, политичкото здружување и делување и на забраната на дискриминацијата по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по барањето од иницијативата и одлучи како во точката 1 од ова решение.

Leave a Reply